Не верувам во хороскоп. Јас сум Водолија и ние сме скептични. Третата куќа се надевам легализирана, пошто ако не е не знам зошто го плаќам животниот данок редовно. Е тука кога ќе влезат со термини од типот ретроградно, доминантен период и трета декада си викам дај го делот каде ми цветаат рози и да завршиме со муабетов, не ме бива. Ако не ти одговара овој хороскоп, како и за све на светов имаш кинеска варијанта. Таму сите луѓе родени во иста година се исти.
Мајмун генерација на пример ми е омилена.
Оние што се повеќе навлезени во оваа мистериозна наука левел метафизика се надградуваат со научен систем Фенг Шуи. Во слободен превод е „воздух вода“ или уште поточно ветер и магла. Фенг Шуи, во Македонија барем, не е ништо друго туку правец во aрхитектурата. Добар Фенг Шуи инж. ти доаѓа дома со компас, и веднаш лоцира исток запад, каде треба да ти е свртен креветот во зависност од тоа дали си вода или огин, вратата треба да е поставена на запад, а обично е према влез. Од украси треба дома да ти висат ѕвонци, за пари да има куќата, слончиња свртени со сурлата према врата, тоа значи многу важно и секако пирамида. Сето тоа за ако јас ви дојдам на гости да се утепам од чудење.
Доколку нешто пак не ви оди во животот ќе си оптегнете еден тетрапак во ќоше, за подземни води и негативна енергија пошто ништо не изглеа поцивилизирано од плафоњерка и тетрапак за ќош. Слики не мора, уметност е ту ласт сенчри. Е, кулоќа е на сето ова уште да ми спомнеш дека си атеист. Додека замислувам како седумте слончиња после бришење прашина ги местиш со компас. За среќа во домот, добро? Правите познавачи на овие, еве не знам како да кажам, мудрости зборуваат со сериозност како за нуклеарна физика.
Предците на сево ова се оние што гледале на камчиња, кристални кугли и тарот карти. Да, најдобрите завршувале како предтезга на циркус под шифра трговец поединец. Ама тоа е глупост, празноверие. Хороскоп и Фенг Шуи се права ствар. Мда. Фала Богу, се распивме нескафе пошто кога беше само турското кога си одеа гости домаќините им ја ѕиркаа шољата да видат дали има пат и неке документе.
Но, некои работи останаа. На пример ташната доле не ја оставај нема да имаш пари.. И пајак да не убиваш нема да имаш пари. Ќе имаш пајажина и од тука ќе израмнам дека пајажина е еднакво на пари. Значи откако ќе ја ставаш ташната на столче, ќе имаш пајажина и Фенг Шуи ѕвонче, и најверојатно кредит, парите си ги средил. Следно е мораш да пазиш да не скршиш огледало.
Седум години несреќа во љубов. Јас да бев паметна да го скршев пред десет, сега веќе 3 години ќе ми беше лепота, еве не знам. Петок 13-ти е секако несреќен, а на секој просечен Македонец секој 15-ти во месецот исто, ако зема плата на први.
Црна мачка ако ти пресече пат е несреќа, кучиња ако трчаат по тебе е верност. Ако лаат и ако се гладни е инфаркт левел пченица. Цагер мисли на тебе, уживкај си, ќе ти се јави. Пу, пу, чукни во дрво да не се урочиш па да се јави кај друга. И сето тоа „мора нешто да значи“ ме фрла во онаа другата „некој од горе гледа све“. Параноја левел ми го слушаат телефонот.
Луѓе кои во све гледаат некоја негативна енергија која ги напаѓа и енергија која ги чува, скриена игра и завера, и останати теми од кабловска. Толку се чуваме од неискрености што да дојде некој искрен ќе го промашиме. Муабет од типот нема луѓе... Живот!
Јас пак сè уште верувам дека отворен пристап, социјализација и насмевка се најубав пат кон среќата. Не чекам чуда, некој да дојде и да ме спаси од себе. Џабе слонче, џабе маслинов зејтин во Црква, ако не се радуваш на секој ден и секој човек што ќе го сретнеш. Животот е убав, опушти се. ФМП.
Ина Многуфина