Балканштина

Јаран, крал на љубезноста

Покоен Жељко Малнар чат-пат знаеше да го пушти Јаран надвор од студио за да му глуми репортер од теренот.  Овојпат го имаме легендарното парче со Јаран и Владо Калембер и најјакото прво прашање кое сме го чуле во едно интервју. И едно друг видевце кога Јаран наидува на отпор од кој господски се повлекува.

Знае ли Тарантино за ова

Криминалецот Кристијан Голубовиќ, еден од ретките преживеани од документарецот „Видимо се у читуљи,“ последниве години се влече по реални шоуа (не е јасно дали е тоа помало зло)  и „продава“ приказни од асфалтот и од дешавки од другата страна на законот. Второво го прави махерски забавно, како да раскажува кунг-фу филм.  

Да ве запознаеме со Драги Црни

Драги живее во село близу Лесковац, вреден е ама тенок со нерви. Има 80 години, има еден ипол падеж и за жал, има фамилија која стално го ремети, за да ги извади пцовките од него. Главно внук му кој и го снима, син му, а во приказната се и бабата на Драги и Тајсон (ќе го познаете не по мускулите туку по тетоважата на лице).

Продавам мозок, неупотребуван

Три ренесансно образувани грации, црпнати од некое српско реално шоу (сори што не им ги знаеме имињата; нешто како Маца Дискреција, Тијана Ајфон, Благица Самсунг...) одговараат на ТВ квиз, прашања од географија, најбазични. Како што знаете и од порано, не е убаво да се црпнуваат луѓе од онаму каде што природно припаѓаат.

Црногорски заповеди

Кога случајно сакаш да поработиш, седни, причекај, ќе видиш дека ти пројде. Кога гледаш дека јадат и пијат - придружи им се, кога гледаш дека работат - истави се за да не пречиш.

Копаоник ве вика

Ѕирнете ги цените.

Да беа сите искрени како Георги....

Исечок од некој бугарски онлајн час по германски јазик. Наставничката го прозива Георги Лазаров. Тој се одзива на прозивката, со беспрекорна решеност да биде искрен. Откако го сослуша, наставничката можеше само да каже: „Георги, просто њамам думи, подобре е да продолжим нататак“.

Првиот стендап на еден Албанец

Ауу, каков судар на паралелни светови е ова. Виктор Пастраскан, во Антверп, Белгија. Во публиката Албанец на кој нешто не му се бендисува па му дофрла да не збори за Албанија. „Добредојде на Запад,“ пробува да му објасни домаќинот. „Ќе се видиме после!“ му се заканува овој. А пошто Виктор е Романец па му е јасно, додава бензин: Има некој Србин да го среди дечково?