Балканштина

Комшии, дајте уште едно вето, ние частиме!

Надреална приказна од братска и преди сè европејска Бугарија. Во Ботунец (16 км. од центарот на Софија), во импривизирано мини базенче, еден лик чува крокодил. Да, крокодил, се вика Кроко. - Ама што ако Кроко излезе од легенот? - логично прашува љубопитната журналистка. - Сите ќе ги изеде - логично одговара ликот. Други, пак, имаат поинакво мислење - сè е до тоа како е воспитан Кроко. Чудесии!

Кебапи со шаховница

Еден глупсон од жанрот „travel blogger“ со 600.000 Инстаграм следбеници, деновиве предизвика мини балканска војна на мрежите откако дојде во Пула, нарача кебапи и ги прогласи за „хрватско национално јадење“. Можете да замислите каков правдољубив гнев се разгоре, од Велес преку Лесковац до Бања Лука. За црепот (Том Гронд од Холандија), кебапите се хрватска верзија на донер. Андрија реши малку да се спрда со таа каста.

Десингерица има нова „точка“

Порано ги маваше тоа безпамет копиљаците кои му одат на настан со патика по глава. Сега е свртен кон кулинарство. Им става кори на глава, им крши јајца на глава и на крај им ренда кашкавал на глава. A овие тртат глава и отвораат уста. Совет: Престанете да се секирате каква планета им оставаме на младите, почнете да се секирате кому ја оставаме оваа планета. 

Џејми Оливер се одушеви од екс-Ју кујна

На Џејми Оливер и на уште неколку префинети непца од жирито на МастерШеф Австралија, Снежана Чалиќ им презентираше гозба инспирирана од кујните во бивша Југославија. Малку хрватски Медитеран со инчуни и лук, малку ајвар и сланина, малку босански благца... Жирито попаѓаа уште на првото, домашно лепче со путер. Тек да имаше маст и шарена сол.

Џирло е жив

Денес нетот е преполн со белосветски преваранти кои продаваат шашми и тракатанци. На овие простори, тој феномен, уште во аналогните доба, го промовираше Мистер Џирло, легенда на виралните продажби на апсолутно непотребна и шкарт роба. Уште го има и продава сè живо, од електрични коли и скутери (кинески), преку хит-чајот за слабеење Чанг Шланг, па до креми и чибуци со „фасцинантни“ својства.