Балканштина

Разбрано од а до ш

Мајстор кој се занимава со графики и натписи на возила и слично, на својот син му оставил да сработи едно комбе. Му пишал прецизни упатства на наследникот на кој еден ден треба да му го предаде бизнисот. Да го стави името на фирмата (таа и таа), да го стави телефонот за контакт (тој и тој) и на крај му пишал и детално за фонтот кој треба да го користи (тој и тој). Како малиот ја разбрал пораката, ќе видите понатаму:

Спартанските домати од Санторини

Грчкиот инает и упорност не се покажаа ефикасни само кога трпеливо чекаа наша постава која ќе им го предаде името и брендот Македонија, туку и во случајот со овој агроном кој натерал патлиџани да растат практично без вода во сувата и вулканска почва на островот Санторини. Жбунести, мали и неугледни, ама се кладиме дека се вкусни како оние некогаш. Браво за Петрос Иконому.

Дајте пишете ги во Устав, ќе биде забавно

Во 1995 година, илјадници Бугари чекале да слетаат вонземјани. Дојава дошла од Бугарките Здравка Крумова и Ратка Трифонова кои воспоставиле контакт со вонземјаните и требало во секој момент да слетаат на аеродромот крај Русе. На 11 септември цело Русе било на нозе да ги пречекаат вонземјаните кои требало да ѝ помогнат на Бугарија, а настанот го пренесувала државната телевизија. Меѓу домаќините се раширил муабет дека ќе даваат и пари.

Рамбо Амадеус - Тони Монтано

На прав правцат ринг, на стадион на отворено, со дечурлаана наоколу, бокс меч меѓу Рамбо Амадеус и Тони Монтано. И не се фолираат него стварно шибање. Рамбо добро почна ама после Тони фино го полнеше пошто очигледно има повеќе искуство од противникот. Тука е и Оливер Мандиќ како секундaнт на Монтано а судија во рингот е Душан Прелевиќ Преле. А мислевме сè имаме видено.

Монини, за оние кои пијат нафта

Сите цени се збеснати кај нас и пошироко, оние на маслиновото масло особено. Италијанец во српски маркет не може да се изначуди на некои цени, особени на оние кои ги знае и кои ги носат производи од неговата земја. На пример, Монини екстрадевствено маслиново од 0,75 л., во Србија е  2.599 денари, односно речиси 22 евра. Истото тоа италијанско масло, во Италија се наоѓа за 10,4 евра.

„Нема логика да биде смак на светот“

Ова е најгенијалниот почеток на една изјава, вредна за мимови, графити и гоблени. Ја дава еден прекрасен лик кој со ококорени очи, искрено, замислено и пред сè насекирано ги одмерува шансите да отиде сè во бестрага и планетата да пукне на два дела. Дечкото се секира за метеор но првенствено за она што го прави Северна Кореја. Видете ја таа искреност, небаре од неговата проценка стварно зависи иднината на човештвото.

Бугари скокаат по крстот

Едно од најбугарските видеа на сите времиња. Бугари скокаат по крстот во базен, при што попот, освен стандардното цимање на кандидатите, првиот пат прејако го фрли крстот и го промаши објектот. Но, да не раскажуваме ние, за да не расипеме. Некој Србин во дванаесет точки одлично ја има сумирано кратката содржина на овој видео клип во форма на синопсис.