На 17 јануари Квентин Тарантино започна аукција на својата прва збирка која ќе се продава во дигитална форма, односно во облик на незаменливи токени.
Во првата транша се поединечни поглавја од неговото сценарио, добитник на Оскар од 1994, „Палп фикшн“. Секој токен во збирката се состои од оригинално сценарио за една антологиска сцена, како и персонализиран аудио коментар од самиот Тарантино.
Според официјалното соопштение, колекционерот кој ќе ја купи целата збирка, ќе добие „посебна привилегија да ѕирне во тајните на умот на режисерот и неговиот креативен процес“.
Но воочи аукцијата, филмското студио Мирамакс, кое го продуцираше „Палп фикшн“, поднесе тужба за прекршување на договорот. Мирамакс имено тврди дека тоа ги поседува правата за филмот и дека проектот на Тарантино да продава, макар и делови од сценариото, претставува прекршување на авторските права.
Голем број славни личности си ја испробуваат среќата со незаменливите токени, или како купувачи, или како креатори. Една од нив е актерката Мила Кунис, која продуцира анимирана серија „Стоунер Кетс“, која пак се финансира преку незаменливи токени. Меѓу промоторите на токените е и Париз Хилтон.
Сепак, во моментов не може со сигурност да се каже дали NFT ќе остане краткорочен феномен или ќе се стабилизира како вредност на пазарот. Бидејќи се плаќаат во криптовалути, нивните цени често флуктуираат. Истовремено, технологијата која стои зад нивното создавање и тргување бара огромни количества компјутерска моќ и висока потрошувачка на струја.