Стотици писатели овој викенд ќе се соберат во Њујорк за да читаат извадоци од делата на Ружди. Ова претставува повторување на сличен настан кој се одржа во 1989, кога тогашниот врховен водач на Иран, ајатолахот Хомеини, издаде указ повикувајќи на смрт на Ружди поради излегувањето на книгата „Сатански стихови“.
Списокот на учесници ги вклучува Пол Остер, Тина Браун, Гај Талес и други, а списокот постојано се дополнува. Настанот се вика „Поддршка за Салман“, а авторите ќе се соберат на скалилата на Њујоршката јавна библиотека во петок наутро, точно една недела откако 75-годишниот Ружди беше неколкупати прободен со нож на сцена во државата Њујорк.
Во моментов британскиот автор заздравува во болница, а неговите повреди се оценети како „крајно сериозни“. Тие се состоеле од 10 убоди со нож од кои тој се извлекол со повреден хепар и оштетени нерви во раката и окото. Неговиот син Зафар изјавил дека Ружди сега може да зборува и дека неговото чувство за хумор останало неначнато.
Петочниот настан е организиран од Американскиот ПЕН, Њујоршката јавна библиотека, издавачот на Ружди - Пингвин Рендом Хаус и други невладини организации. Настанот ќе биде пренесуван во живо онлајн, а Американскиот ПЕН ги повикува оние кои нема да можат да присуствуваат да организираат слично јавно читање во сопствената средина или да постираат видеа во кои читаат извадоци користејќи го хаштагот #StandWithSalman. Претходното читање во 1989 беше посетено од повеќе од 3000 луѓе.