Пари и слава

Кој ќе ја добие Нобеловата оваа година?

Од денес (8.10), со доделувањето на Нобел за медицина, почнува неделата на оваа престижна награда. Како и секоја година и оваа има драми околу некои од правилата и погодување на можните добитници во сите категории. Да видиме што се случува кај писателите.

Во моментов во обложувалниците води Харуки Мураками, кој и минатата година беше спомнуван како фаворит. На второ место е Мо Јан, еден од најзабрануваните и пиратирани кинески автори кого го споредуваат со Хелер и Кафка, а на трето е Петер Надаш, унгарски писател, есеист и драматург, на македонски преведен со „Крајот на еден семеен роман".

Slate објави анкета за можните добитници во сите подрачја (тука), а еве што рекоа неговите соработници за онаа книжевната:

Кати Валдман, помошник уредник во Слејт

Во поетскиот свет не би била супер изненадена да го видам либанскиот поет Адонис овенчан со оваа награда. Многумина беа затечени кога минатата година Нобелот отиде кај Транстромер наместо кај него. Песните на Адонис се втопени во арапска митологија, но независни од неа, а има експериментирано и со нетрадиционални форми (песни во проза, песни со менлива метрика итн.) Инаку навивам за Филип Рот. Исто така и Џојс Керол Оутс би било фино да ја добие наградата.

Дејвид Хагланд, уредник на блогот за култура Brow Beat

Од 2000. Нобеловата за литература не отишла кај автор од Азија, и не би бил изненаден оваа година комитетот да гледа на кај Исток. Местото каде не би го барал овогодинешниот добитник е Европа, од каде се повеќето од досегашните добитници. Мое лично предвидување: Чинуа Ачебе (нигериски автор), чии долгоочекувани мемоари тукушто излегоа во Британија. Тој е наведуван како можен добитник со години, и бидејќи Нобел се доделува само на живи автори, комитетот нема уште многу време.

Дан Коис, уредник за литература во Слејт

Секоја година дечките од Ladbrokes (обложувалницата) ги земаат предвид гласините дека старите хипици од комитетот може да му ја дадат наградата на Дилан (колку да се знае: нема шанси). Од листата фаворити би го одделил Кореецот, поетот Ко Ун и кинескиот романописец Мо Јан. Но би бил воодушевен ако наградата оваа година отиде кај две Канаѓанки чие дело еволуираше и стана такво кое поместува граници: Маргарет Атвуд и Алис Манро.

8 октомври 2012 - 09:23