Та не е саде Италија

Како австриски скијачки центар ја рашири епидемијата низ Европа

Стотици пациенти со коронавирус од сите страни на Европа се верува дека болеста ја фатиле додека биле на скијање во австриски Ишгл (Тирол), а добар дел се поврзуваат и со еден популарен бар во градот.

Главно заболените се од богатиот дел на Европа (кој и може да си дозволи таму да зимува), па Си-ен-ен пишува за пациенти од Данска, Исланд и слични држави.

Освен шареноликоста на гостите, ваквата успешност на Ишгл во ширењето на заразата се должи и на одлуката на властите во Тирол да глумат лудило околу болеста на нивна територија. Па дури и откако еден шанкер од Ишгл беше позитивен на тестот за коронавирус, властите на Тирол на 8-ми март објавија соопштение дека „не постои причина за загриженост“. Тие дозволија скијачката сезона да продолжи до 13-ти март.

Ишгл и соседните села во зимската сезона привлекуваат околу 500.000 посетители и тоа главно луѓе со пари.

По повеќекратно отфрлање дека Ишгл и барот Кицлох се поврзани со ширењето на вирусот низ Европа, на крај австриските власти признаа дека всушност погрешиле околу својата процена.

Австриските власти уште на 4-ти март биле информирани од главниот исландски епидемиолог дека неколку исландски туристи се заразиле со ковид-19 додека биле на зимување во Ишгл. Предупредувањето било направено и преку европските институции.

На 5-ти март откако Исланд ја известува Австрија дека луѓе од таму се враќаат болни со коронавирусот, Рејкјавик го става Ишгл на листата на ризични зони за ширење ковид-19, со што Ишгл е на исто ниво како Кина, Италија и Иран.

Според европските доктори, тоа што Ишгл бил ставен на листата од страна на Исланд, треба да е доволно за активирање на сите аларми околу опасноста која чека во градот.

Но и покрај ова властите на Тирол го релативизираат ризикот, па во соопштение од 5-ти март наведуваат дека е „малку веројатно“ дека регионот бил жариште. Тие за тоа се потпираат на изјавата на еден патник според кој туристите од Исланд се враќале со лет на кој имало заразен турист од Италија.

3 дена по предупредувањето од Исланд, на 7-ми март, 36-годишен шанкер од Кицлох е позитивен на тестот за ковид-19. 22 лица со кои шанкерот имал контакт се ставени во карантин, од нив 15 подоцна исто така се позитивни на ковид-19.

Според дански бројки, од над 1.400 случаи на ковид-19 во земјата, 298 вирусот го фатиле во Австрија. Споредено со само 61 случај кој се поврзува со патување во Италија, најтешко погодената држава во светот. Освен Данска и Исланд, Германија има околу 300 заболени од ковид-19 кои доаѓаат од Ишгл, додека во Норвешка од 1.742 случаи, 549 се заразени во Австрија.

Кога на 13-ти март, 9 дена по предупредувањето од Исланд, властите бараат од туристите да го напуштат селото и да се вратат дома, добар дел немаат директни летови ниту како одма да заминат, па на ден-два се сместуваат во хотели и пансиони во селата околу Ишгл.

Од 13-ти март Ишгл е под целосен карантин. 5 дена подоцна, локалните власти ги прошируваат овие мерки на сите 279 заедници во Тирол.

Професорот по имунологија од заразни болести на Универзитетот во Копенхаген, Јан Правсгард Кристенсен, објаснува дека е невозможно да се утврди бројот на луѓе низ Европа што се заразени од туристите од Ишгл кои ги имало од речиси секоја држава на континентот.

24 март 2020 - 11:29