Финска уште еднаш е прогласена за татковина на среќата

Шеста година по ред, Финска е прогласена за најсреќната земја на светот. Накратко сумиран последниот извештај: финските деца уживаат во слобода, возрасните им веруваат на своите комшии, луѓето знаат да уживаат во природа и навреме си одат од работа. Тоа што изгледаат интровертни, тоа е затоа што не пикаат нос во туѓи работи.

Кога новинар на Бизнис Инсајдер замолил еден истражувач од универзитетот Алто, инаку татко на три деца, да му објасни што него го прави среќен, овој извадил телефон и му покажал фотографија од школото на децата: десетици детски велосипеди со кои учениците  дошле дента на школо.

Таму одат на школо сами, пешки или со точаци, веќе од седум години.

Тоа е само една од причините што Финска, шеста година по ред, е прогласена за најсреќна земја на светот: социјалната сигурност и вербата во заедницата, тоест другите луѓе. Повеќето Финци се убедени дека ако го изгубат некаде, паричникот ќе им биде вратен.

„Во Хелсинки е сосема нормално да оставиш дете во количка надвор, додека пазариш во продавница или внатре пиеш кафе,“ објаснува еден социјален психолог.

Финците се луѓе кои веруваат дека работата и деловниот успех не се единствените вредности во животот па минути после 17 часот кога вообичаено завршува работното време, сите канцеларии се празни.

Истовремено, се чудат како во некои други земји луѓе немаат најосновни вештини, на пример, да запалат оган.

Накратко сумиран последниот Светски извештај за среќата: финските деца уживаат во слобода, возрасните им веруваат на своите комшии, луѓето знаат да уживаат во природа и навреме си одат од работа.

Ако среќата некој ја посматра само преку нејзините симптоми како смеење и радост, ќе се чуди на првото место на Финците бидејќи не се тоа луѓе кои пукаат од весеље. Напротив, знаат да бидат доста песимистични.

„Финците не се највешти во создавање атмосфера на оптимизам“ вели експерт за ментално здравје, но веднаш додава дека внатрешното задоволство со својот живот и песимизмот комотно можат да егзистираат истовремено.

Тоа што некои ги гледаат како интровертни, тоа е затоа што си бркаат своја работа, за разлика од други кои уживаат во зјапање во туѓиот двор.

И во економските параметри има нешто. Имаат страшно високи даноци но за возврат добиваат сериозни и квалитетни услуги од државата. Таа издвојува 24% од целиот БДП за социјална заштита.

Здравството и образованието се бесплатни за сите, до ниво на докторирање. Во годината имаат 13 неработни државни празници, добиваат 4 недели летен и една недела зимски одмор.

Извесноста е уште еден фактор за нивната среќа и задоволство. Ако човек изгуби работа, државата ќе му помогне да најде друга.

„Не мора да се секираш за пари толку како што е тоа во САД. Ако ја изгубам сегашната работа, тоа нема да ми влијае врз децата, нивното образование или здравствената заштита,“ објаснува оној истражувач од почетокот на текстот.

Генерално, Финците се помалку драматични во нивните аспирации кога станува збор за работи како богатство и споделуваат достижни  идеи што значи да се биде задоволен со својот живот. Со други зборови, сонуваат остварливи работи.

Соговорничка во репортажата на Бизнис инсајдер, која се има преселено во Финска од Италија, вели дека најмногу ѝ се допаѓа што во нејзината нова земја, човек може да застане и да паузира додека размисли што сака да прави, што вклучува и можност целосно да го сврти курсот на својот живот. 

11 јуни 2023 - 10:01