Богатите се згрозени од уште побогатите

Мирот на староседелците богаташи од Хемптонс моментално е нарушен од најголемиот проблем што го имале до сега - уште побогати луѓе од нив.

„Јас сум од тие од еден процент, ама немам никаква сличност со овие луѓе.

Сите што имаат пари се тука. Ако веќе немав куќа тука, никогаш немаше да доаѓам. Упадливото трошење пари е едноставно одвратно.“ ќе каже една жителка на Хемптонс која живее таму уште во 1991.

Соговорничката на Ванити феир посочува куќа која припаѓа „на еден од оние од хеџ фондовите“ кого долго време го гледа како ден за ден му садат по едно големо израснато дрво. Кога, како секоја добра сосетка, отишла да поразговара со работниците, тие и рекле дека дрвата чинат меѓу 50 и 75 илјади долари.

За нејзе главни виновници за наездата на нови луѓе во Хемптонс се пандемијата и Доналд Трамп кој со даночните олеснувања им дал вишок пари на богаташите за да можат да си приуштат нови куќи во Хемптонс.

Други староседелци признаваат дека цените на недвижностите се избезумени, и дека луѓето и професиите што купувале куќи во Хемптонс во 1990-те, денес не би можеле ни да помислат на такво нешто.

„Толку е скапо што веќе не може да се живее тука. Сè е сведено на аранжирање вечери и дотерување. Толку многу луѓе што инсистираат да имаат толку многу забави, распоредот е станат погуст отколку во Њујорк,“ изјавила Кетрин Килингер ко-сопственичка на локална пекара.

Еден од примерите за кој пишува Ванити феир е 25-годишна девојка која собирала пари заедно со уште 30 пријатели за да можат на еден месец да изнајмат куќа. Нејзиниот удел во купчето бил 3.000 долари. Друга мака за која зборува девојката е што за возење со Убер на дистанца од 1,6 километри (една милја) платила 60 долари, а не ретко на малку подалечни релации, околу десетина километри, таксиметарот знае да покаже и 600 долари.

За цените во рестораните зборува друга соговорничка, која раскажува:

„Цената беше 300 долари за четворица, а не пиевме ни алкохол.

Имавме два ладни чаја, фрисе салата, Цезар салата со пилешко и порција школки“.

Други локалци раскажуваат дека возат по еден час за да дојдат до драматично поефтини производи.

12 август 2021 - 15:37