Во 2022 ќе се снима контент за 140 милијарди долари

Баснословните пари што во 2021 ги потрошија најголемите филмски студија/технолошки компании на снимање најразлични серии, филмови, документарци и спорт годинава повторно ќе бидат потрошени, плус уште 10% на тоа, или околу 140 милијарди долари. И ова само ќе продолжи да расте.

Сумите што се инвестираат се должат на две работи: 1. постојната стриминг војна меѓу сите големи медиумски куќи, 2. дел од компаниите во стриминг војната стојат за некои од најголемите телевизии во САД па мораат да инвестираат во програма и за нив.

За фискалната 2022 одвоени се следните суми за нови содржини:

- Дизни - 33 милијарди долари.
- Комкаст - 26 милијарди долари.
- Ворнер брос. Дисковери - 22,4 милијарди долари.
- Нетфликс - 19,3 милијарди долари.
- ВиакомСиБиЕс - 16,4 милијарди долари.
- Амазон (сосе МГМ) - 12,5 милијарди долари.
- Епл - 8,1 милијарди долари.
- Лајонсгејт - 2 милијарди долари.
- АМЦ нетворкс - 760,3 милиони долари.

Секоја од овие 9 компании има нагорна линија на парите што годинава ќе ги вложува во продукција.

Неколку од компаниите, како на пример Ворнер брос, има речиси половина милијарда долари што во периодот од 2022 - 2028 ќе ги плати само за лиценца за МЛБ, згора на 1 милијарда долари годишно што веќе ги плаќа за правата на НБА. Периодов драстично расте цената на правата на спортските преноси бидејќи тие станаа од клучна важност за линеарните телевизиски програми, и една од ретките предности што тие ја имаат во однос на стриминг сервисите.

Ова го потврдува и 4-то место на Нетфликс по вкупна потрошувачка на содржини, меѓутоа стриминг сервисот скока на второ место ако од математиката се извадат парите за спорт.

Очекувањето на аналитичарите од Велс Фарго е до 2025 годишната потрошувачка на овие компании да порасне на 172 милијарди долари.

21 јануари 2022 - 14:56