50 години папараци фотки

Половина век чекаат во заседа и буричкаат по ѓубрињата на познатите. Навидум никој не ги сака и никому не му се потребни, освен на публиката која масовно ги голта нивните производи.

По повод јубилејот, на 27 јуни во Франкфурт ќе биде отворена првата ретроспективна изложба на папараци фотографии, како и на опремата која ја користат овие „предатори" - шпиунски камери, телеобјективи, маскирна опрема, и многу дрскост.

На една од фотографиите Мик Џегер фрла шоља за чај на францускиот фотограф Паскал Ростајн. На друга Марлон Брандо минува покрај фотографот Рон Галела, кој носи рагби шлем затоа што претходно Брандо му скршил пет заба. Галела е веројатно единствениот фотограф кој го тужел Брандо, со образложение: „Не сакам никој да мисли дека може да оди наоколу и да ме удира затоа што фотографирам. Сакам да извлечам поента, не пари."

Изложбата вклучува и фотографии на Сабастијан Валиела, чии снимки на францускиот претседател Франсоа Оланд беа причина за неговиот развод со првата дама. На други пак е изложено ѓубрето на Мадона по кое копале папараците, но и пародични снимки, кои личат како да се направени од папараци, а не се, како онаа на која британската кралица седи на шоља со см'кнати гаќи.

Катарина Дом е проект менаџер на шоуто. Во интервју за Vice таа вели дека изложбата не е замислена како трибјут на култот на славните личности, туку таа повеќе се однесува на естетиката на овој вид фотографија и врската помеѓу фотографот и субјектот.

„Тоа е социјален и културолошки поглед на феноменот. Ова е прв пат да се прикаже историјата на ваквиот тип фотографии. Тие технички се несовршени, не се остри, направени се набрзина, а сега дроновите драстично ги менуваат можностите", вели таа.

Повеќето од папараците се мажи, а пак повеќето од славните личности жени, како Парис Хилтон, Брижит Бардо и Бритни Спирс, кои според фотографиите немаат никаква приватност, но во голема мерка ова го користат и како адут. Парис Хилтон е од првиот бран на славни личности кои немаат професија, а ги имаат искористено папараците за сопствен успех и слава.

Вообичаениот став е следен: воените фотографи се херои, а папараците се душмани. Тие се како мали предатори, кои трчкаат наоколу и бараат плен. Па сепак, за нивните слики секогаш има пазар. Во 2000-те било исплатливо да си папарацо, иако ситуацијата во последно време се менува. Потребно е многу чекање, и вистински информации. На фотографиите често се гледаат кренати дланки пред ликот на фотографираниот, или пред објективот. Тоа е типична папараци композиција, а има и такви кои се направени во тандем - додека едниот фотограф привлекува внимание, другиот снима. Сепак, постојат и ретки случаи кога папараците стануваат пријатели со нивните „жртви".

„Папараци" инаку е презиме на фотографот од филмот „Сладок живот" на Фелини од 1959, и иако нема некое посебно значење, тоа станало име на една цела фела.

25 мај 2014 - 06:35