Епл го затрупа Тим Кук со пари

Заради верност, посебен успех во управувањето со Епл и кревање на вредноста на акциите, Епл му плати бонус на Тим Кук во вредност од 750.000.000 долари.

Август годинава е десет годишнината на Тим Кук како ЦЕО на ЕПЛ, и по тој повод, тој доби 5 милиони акции од компанијата. За тоа, и затоа што во последниве 3 години тој успеа да ја крене цената на и онака вредните акции на Епл за речиси 192 проценти.

Кук наводно веднаш ги продал акциите кои му беа поклонети.

Епл изминативе години успеа да постигне далеку повисока вредност отколку што се очекуваше и стана првата компанија на берза која има вкупна вредност над 1.000 милијарди долари. Моменталната вредност на Епл е 2.500 милијарди долари и има над 100.000 вработени.

Бонусот за Кук беше договорен уште во 2011, кога го презема раководството на Епл од Стив Џобс, и предвидуваше тој да оствари одредени таргети во замена за бонусот.

За овие десет години вредноста на акциите на Епл е порасната за 1.200%.

Ова не се први пари што Кук ги гледа од Епл, туку нему редовно му е компензирано и му се плаќаат бонуси. Минатата година тој доби бонус од 282,8 милиони долари, кога и за прв пат стана милијардер. Кук е еден од ретките случаи на милијардер од технолошката индустрија кој го достигнал овој статус како вработен, а не како основач.

Се очекува дека Кук најмалку до 2025 ќе биде ЦЕО на Епл.

30 август 2021 - 13:00