Битлските кои досега не ги знаевме

Феноменална „саудаде“ приказна за една ливерпулска четворка, а не е онаа. Неколку девојки од градот, инспирирани од своите музички идоли, во раните 60-ти години решаваат да го направат првиот комплетно женски бенд по тој урнек. Првото проблемче им е - што не знаат да свират.

Го решаваат проблемот и со инструментите и со музицирањето, се комплетираат и им тргнува баш добро, дотаму што едно време менаџер им станува Брајан Епштајн, менаџерот на Битлси. Женски инает, бидејќи кога Ленон ги видел, им рекол дека женско не свири гитара. 

Свират по Европа, имаат турнеја со Стонси, им позајмуваат инструменти на Кинкси а најлуд детал е кога најрелигиозната од нив нив се запознала со Џими Хендрикс. Да чуете само Хендрикс побарал од неа!

Тој спојлер го избегнавме но другите не ќе можеме. Тапанарката забременува а докторот ѝ вика дека ако воопшто сака да роди, ќе мора веднаш да престане со свирење. Друга од нив, музички најталентираната, се вљубува во дечко кој бил на нивен концерт. На пат кон дома, дечкото доживува сообраќајна несреќа и останува доживотно парализиран. Од болничка постела ја проси за жена, таа прифаќа, се венчаваат и цели 26 години се грижи за него, сè до неговата смрт. Потоа се пропива но и сфаќа дека повеќе сака жени па последните десет години среќно ги минува со својата партнерка. Третата уште на сцена пие пилули за да има повеќе енергија, но ја докрајчува распаѓањето на бендот, се навлекува на кокаин и алкохол и умира од рак.

Живи се две од нив, уште се другарки и тие ја раскажуваат фасцинантната приказна за Ливербрдс.

 

 

18 октомври 2021 - 15:26