Како Фокс ја проголта Национална Географија

Во зделка од 725 милиони долари Фокс доби контролен пакет во телевизијата, магазинот и ТВ студиото на Национална географија. Сепак, ова беше само последниот чин во неколку годишната драма што и се случува на Национална Географија.

По 4 години работа во остатокот од светот, во јануари 2001-ва Национална географија го пушта својот телевизиски канал и во САД. Каналот им е 50-50 со кабелската мрежа Фокс.

Според договорот Фокс на Национална географија телевизијата (двата ентитета кои го создаваат каналот) ќе им исплаќа 500.000 долари за еден час ТВ програма. Со тоа што имаат гарантирана нарачка од 44 часа ТВ програма годишно.

Во 2007-ма, се менува директорката на каналот Национална географија и на нејзино место доаѓа директорот од тазе пропаднатиот Фокс Реалити канал, Дејвид Лајл.

До тогаш ситуацијата во каналот е веќе дојдена на ниво на рововска битка меѓу "лојалистите" на Национална географија кои инсистираат дека треба да се продолжи со истото темпо и квалитет на продукција, и дека брендот е упропастен од варварите од Фокс; и екипата од Фокс која тврди дека луѓето од Национална географија живеат во земја од бајките со големи идеали кои се финансирани од Фокс.

Во 2010-та стартува НатГео Вајлд која треба да помогне во борбата со главниот конкурент - Дискавери каналот. Меѓу програмите тие ја вклучуваат и Неделата на големи мачки (која не би требало да има никаква врска со ултра популарната Недела на Ајкули на Дискавери).

Одлуката на Лајл да се направи адаптација на контроверзните историски бестселери на Бил О'Рајли (инаку една од главните ѕвезди на Фокс), предизвика дополнителен гнев кај луѓето од Национална Географија. Освен фактичките грешки во книгите на О'Рајли за убиствата на Линколн, Кенеди и Реган, водителот на Фокс Њуз претставува посебна болка заради неговиот став околу климатските промени и релативизирањето на истите, чие истражување е директно финансирано од Национална Географија.

По ова Лајл го одобрува и снимањето на реалното шоу - Doomsday Preppers, во кое се следи група луѓе кои се подготвуваат како да преживеат во случај на апокалипса. Изборот е оправдан според рејтинзите, меѓутоа содржински само дополнително ја накострешува половината од Национална Географија.

Минатата година оставка си поднесе Хаурд Овенс, човекот кој беше директор за програма на каналот од неговото стартување во 2001-ва. Неколку месеци подоцна оставка и Лајл си поднесе оставка.

Годинава, по зделката од септември, Фокс целосно ја презема контролата над телевизијата и повеќе нема да мора да соработува со луѓето од друштвото Национална Географија во управувањето на каналот. Комплетирањето на нивната надмоќ следуваше на почетокот од месецов, кога беа отпуштени околу 200 вработени. Очекувањата се дека наскоро ќе се укине и телевизијата Национална Географија.

За цело ова време несреќата на Национална Географија е што повеќе од 20 години постојано им се намалува бројот на претплатници, па од 15 милиони кон средината на 90-те, денес имаат околу 3,5 милиони. Минусот од пари прво никако не им дозволува тие да го осамостојат каналот, и второ, тие мора да префрлаат пари од телевизијата во магазинот за да го одржат во живот и да ги финансираат неговите проекти.

16 ноември 2015 - 12:46