Како Дејли Меил го освои островот

Најмоќниот весник во Велика Британија има 4,5 милиони читатели дневно, достига до 4 пати повеќе луѓе од Гардијан, и сето тоа додека е посериозно сфатен од единствениот весник кој се продава подобро од него, The Sun.

Во јануари годинава Меил Онлајн, го надмина Њујорк Тајмс како најпосетуван весник на интернет, привлекувајќи 52 милиони уникатни посетители месечно. Иако најлесно може да се објасни како британски двојник на Фокс њуз, сепак разликата е во тоа што Меил не е позитивно наклонет кон ниту една партија.

"Идеологијата на Меил е дека Британија е отидена по ѓаволите," објаснува уредник на еден британски весник.

Весникот себе си се преставува како заштитник на британските вредности, гласот на тивкото мнозинство чии ставови не се во согласност со плановите на елитите од метрополите.

За противниците тој е Хејт Меил или Дејли Феил, кој ги подбуцнува најдолните инстинкти на островот, потпалувајќи ја паранојата околу сè од имиграцијата до проблеми со кожата.

Во весникот кој се печати на околу 100 страни на ден, не е се мрачно. Има изедначен ритам. Сериозните работи се балансирани со неподносливо лесни новости (девојката која јаде само пилешки прсти), стории за животни (нилскиот коњ што сурфа), лични есеи (се омажив за циција), сокриени соопштенија за јавност, рецепти, озборувања, крстословки.

Како што некогашниот уредник на Дејли Експрес ги квалификува "ова се човечките приказни, од кои се составени муабетите по пабовите."

Уредникот на Меил, Пол Дакре, е човекот кој диригира со сето ова. Тој ги открива приказните, што другите ги пропуштиле.

"Она што Меил одлично го прави е бесрамно позајмување од другите медиуми. Дури и ако приказната е објавена на друго место, вие утре ќе ја најдете во Меил, уште поголема и често уште подобра. Дакре има чувство за тоа што просечниот читател навистина сака," објаснува поранешниот уредник на Индепендент, Сајмон Келнер.

Запрашан на едно шоу, што мисли како колегите би го карактеризирале, Дакре изјави: "Тој е тешко копиле. Ама води од напред."

"Викањето создава енергија, а енергијата создава одлични наслови," одговори Декре на прашањето за неговиот стил на менаџирање.

Меил не штеди на пари за која било вест. Додека другите весници чекаат на агенциски вести, Меил испраќа репортери на секоја вест што ја брка. Новинарите се солидно платени, иако голем број од нив зборуваат за суровата работна околина.

Соочен со критиките за работата на Меил, Дакре дава еден вид пазарно објаснување, во кое тврди дека единствен сигурен начин да се обезбеди слободен печат е да имаш комерцијално издржлив печат. Ако содржината на весникот не им се допаѓа на луѓето, тој нема да биде успешен, а ако не е успешен нема да може да врши притисок на многу помоќни институции.

Во јануари годинава Меил Онлајн го помина Њујорк Тајмс како најчитан онлајн весник на светот, на ова портпаролот на Тајмс изјави: "Јасно е дека ние и Меил не се натпреваруваме за истиот сегмент." На ова одговорот од Меил беше дека е јасно дека американските весници станале премногу исцрпени за да напредуваат и дека амбициите на Меил се далеку над Пулицеровата награда.

"Мислам дека тие се спектакуларно лоши губитници, но не ми е ни најмалку гајле што го поминавме Тајмс. Она што мене ми е битно е дали сме подобри од MSN? Дали сме подобри од Јаху," порача уредникот на Меил Онлајн, Мартин Кларк.

Интернет стратегијата на Меил на почетокот беше нестабилна како и општата политика на весникот. Дакре нема ниту компјутер во својата канцеларија, а во 1999-та, на тема Интернетот како иднина на весниците, тој изјави: "аха, bullshit.com"

До 2006-та, насловната на Меил се обновуваше со само 5 статии на ден, а остатокот од содржините беше достапен со месечна претплата. Во април 2006-та, тие го реконструираат сајтот, го одделуваат од весникот и го прават бесплатен.

"Решивме да одиме на бројки. Се што имаше врска со климатски промени, муслимани, американска политика, беспоштедно ги бркавме бројките," објаснува Кларк.

Тој посочува дека воопшто не им е гајле за дизајнот на сајтот и дека е направен за вести и за нормални луѓе.

"Сајтот ги прекршува сите правила за кориснички искуство. Тој е 'јузер-френдли' за нормални луѓе, не за интернет фанатици," порачува Кларк.

Меил Онлајн минатата година заработи 25 милиони долари, но и понатаму е непрофитабилен заради постојаното вложување во неговата експанзија.

Запрашан за американското новинарство Дакре нема посебно убави зборови.

"Во својата најдобра форма, американското новинарство е непобедливо. Но проблемот со тамошните весници е тоа што тие станаа многу умислени, премногу удоволуваат на читателот, премногу се сконцентрирани на себе. Заборавија дека постои огромен пазар составен од сериозни луѓе, кои од време на време сакаат нешто лесно да прочитаат," порачал Дакре во интервјуто за Њујоркер.

26 март 2012 - 19:00