Фли: Од љубов, а не од страв

Неодамна напиша мемоари а во интервјуто зборува како сфатил дека му недостига мајка му дури откако му станало јасно дека ја бара кај девојките. И за очувот кој бил и проклетство и благослов.

Роден во Мелбурн, Мајкл Питер Балзари го добива прекарот Flea (Болва) бидејќи место не го фаќало. Откако се сели во Калифорнија, како средношколци се запознаваат со Ентони Кидис и стануваат другари за стално. Фли започнува како џез трубач за басот да го открие подоцна. Ред Хот Чили Пеперс се формираат во 1983 од кога имаат издадено 11 албуми во 80 милиони копии а во 2012 бендот влегува во куќата на славните.

Основач е и на една непрофитна образовна фондација за музичка едукација на маргинализирани  млади а неодамна му излегоа мемоарите "Acid for the Children'.

Ден Шобел: Во книгата откриваш дека додека си растел, си немал вистинска конекција со мајка ти. Како тоа се одрази врз твоите подоцнежни врски?

Фли: Многу. Не бев свесен за тоа до моите 30-ти години а сега имам 57. Во романтичните врски  барав љубов на начин кој откриваше дека не сум бил близок со својата мајка. Во такви врски не е здраво од партнерот да бараш такво внимание. Многу сѕум благодарен што успеав тоа да го надраснам и да се развивам наспроти таа бариера. Благодарен сум бидејќи грешките ме натераа да погледнам во себе, да еволуирам и да се променам како човечко суштество. Откако го совладав гневот околу тоа, подоцна со мајка ми успеав да изградам една преубава врска. 

ДШ: Се чини дека вашиот татко истовремено бил и благослов и клетва. Ќе ми кажеш кои лекции ги научи од искуствата со него?

Фли: Беше тежок човек. Беше наркоман и склон кон ирационални испади на насилство. Но истовремено беше неверојатно голем музичар а ме сакаше на сите начини кои ги знаеше. Се бореше со своите демони и имаше тешки моменти. Беше баш страшно да си му во близина бидејќи не се знаеше кога може да пукне и да реши да ја демолира куќата. Кога ја пишував книгата, сфатив дека кога тој свиреше бас, ја земаше сета болка и страдања и ги претвораше во нешто прекрасно. Сфатив дека и јас тоа го правам кога свирам музика. Да не беше тој, веројатно немаше да се занимавам со музика. Тој ме отвори за бескрајните дарови кои ми ги даде музиката како место на кое можам да се изразам, да се фокусирам, да најдам друштво и пријатели. Луѓето се комплицирани. Нема дифолтно лоши и добри момци. Секогаш се двете работи истовремено.

ДШ: Јас на моите пријатели гледам како на фамилија бидејќи бев син единец. Гледам и со тебе е така.

Фли: Јас пораснав во многу неконвенционален дом во кој не секогаш се чувствував сигурно а истовремено не бев многу надгледуван па нон-стоп бев надвор, на дивеење и влегување во проблеми. Пријателите беа местото на кое го барав моето семејство, чувството на заедништво, на поврзаност. Сите ние баравме конекции, дали  човек на човек, дали како чувство на заедница или пак само како задоволство што сме заедно. Тоа е многу добар сетап за старт на еден бенд. Бидејќи сите доаѓаме од дисфункционални домови и сите бевме диви, пронајдовме длабока смисла во нашето другарство и шансата сето тоа да го преведеме во музика а таа да биде нешто повеќе од збирот на нејзините делови.

ДШ: Ранливоста луѓето ја гледаат како слабост но за тебе таа дава сила. Можеш да ми дадеш некој пример за тоа?

Сум знаел често да се налутам само затоа што нешто ми се слушнало како навреда и напад врз мене. Но, ако успееш да се разбереш со човекот што тој навистина мислел, потоа врската меѓу вас е посилна од порано. Таа подготвеност да бидеш ранлив во романтичните врски, во креативните врски, во пријателствата, бара храброст но токму тука е љубовта.

ДШ: Кој е најдобриот твој совет за нечија кариера?

Мојот најдобар совет е да работиш од позиција на љубов.

Како тоа?

Прв чекор е да се прашаш самиот, дали нешто ќе направиш од љубов или тоа тоа ти доаѓа од страв? Ако е првото, на вистинскиот пат си.

 

17 февруари 2020 - 09:14