Хуавеи сврте на свињарство

Кога и по доаѓањето на Бајден останаа заглавени со проблемот со санкции од времето на Трамп, Хуавеи почнаа да бараат чаре на друго место, пример кај свињи.

Кинезите решија своите капацитети за вештачка интелигенција да ги ангажираат во корист на одгледувачите на свињи, а исто така почнаа да се плеткаат и во рударската индустрија.

Изборот на свињарство е затоа што Кина е најголемиот одгледувач на свињи во светот, и моментално е дом на половина од сите живи свињи на планетата.

Меѓутоа ваквата бројка не е проследена со идентично високо ниво на технологија, заради што намерата на Хуавеи е да го модернизира свињарство во земјата со помош на вештачка интелигенција која ќе открива болести и ќе ја следи популацијата на свињи. Освен ова, нивната технологија за препознавање ликови ќе биде искористена за идентификување на поединечни свињи, а ќе може да се следи и дневната исхрана, тежина и активност на свињите.

Кај рударството намерата на Хуавеи е да развие технологија за рудниците на јаглен која ќе доведе до „помалку работници, поголема безбедност и повисока ефиканост“ а ќе им овозможи на рударите да „носат одела и вратоврски“ на работа.

Затоа што од Трамп беа етикетирани како закана за американската национална безбедност, Хуавеи и понатаму нема пристап до клучни компоненти за производство на смартфони. Новите анализи тврдат дека Хуавеи годинава до 60% ќе го намали производството на смартфони.

24 февруари 2021 - 12:04