Шпанската армија откри лешеви во старечки домови во Мадрид

Припадници на армијата задолжени за помош во дезинфицирање на пензионерските домови низ земјата на неколку локации во Мадрид најдоа напуштени стари пациенти, а во одредени случаи и мртви лица.

Ова е објавено и потврдено од министерството за одбрана, од каде порачаа дека ќе бидат „строги и непопустливи“ околу тоа како луѓето се однесуваат со старите лица во овие објекти.

Околу целата работа започната е и истрага од јавното обвинителство.

Министерот за здравство порача дека пензионерските домови се „апсолутен приоритет за владата“ и дека ќе биде спроведен најинтензивен мониторинг врз овие објекти.

Во последните 24 часа во Шпанија 462 лица починаа од коронавирусот. Паралелно со ова, лизгалиштето во еден од трговските центри во Мадрид ќе биде претворено во привремена мртовечница за властите да можат да се справат со подемот на смртни случаи во главниот град.

Претходно, градските власти објавија дека сите 14 јавни гробишта ќе престанат да примаат починати, бидејќи вработените немале соодветна заштитна опрема.

Еден конференциски центар во Мадрид беше претворен во привремена болница во која ќе бидат поставени околу 5.500 кревети.

Според нивното министерство за здравство, околу 80% од случаите на ковид-19 ќе се манифестираат како блага или умерена болест, речиси 14 ќе бидат сериозни, а околу 6% се очекува да се критични. Нивната математика е дека човек треба да биде над 15 минути во близина на заразен (помала од 1-2 метра), за да се смета дека е во ризичен близок контакт.

24 март 2020 - 12:10