Партнерството што ќе го контролира Пацификот

40% од светската економија од вчера се контролира со Транс-Пацифичкото партнерство, најголемиот регионален трговски договор во историјата кој по 5 години преговарање го потпишаа САД, Јапонија, Канада, Австралија и уште осум држави што излегуваат на Пацификот. Од овој куп, намерно е исклучена Кина.

Откако претставниците на 12-те држави се договорија меѓу себе и ставија потпис, сега нивните законодавни тела ќе треба да го усвојат договорот. Денешниот договор се базира на трговска спогодба од пред 10 години потпишана од Брунеи, Чиле, Нов Зеланд и Сингапур, за потоа на ова да се приклучат Австралија, Канада, Јапонија, Малезија, Мексико, Перу, САД и Виетнам.

Од американска перспектива договорот се смета за едно од најголемите достигнувања на Обама, кое под едно ја обединува неговата "економска агенда да го прошири својот извоз и неговата надворешна политика за ребаланс кон поблиски односи со брзорастечката Источна Азија, по години американска преокупација со Средниот Исток и Северна Африка."

"Кога повеќе од 95% од нашите потенцијални муштерии живеат надвор од нашите граници, ние не можеме да дозволиме земји како Кина да ги испишуваат правилата на глобалната економија. Ние треба да ги напишеме овие правила, отворајќи нови пазари за американските производи додека во исто време поставуваме високи стандарди за заштита на работната сила и зачувување на економијата," изјавил Обама во изјавата околу договорот.

Токму овој аргумент (околу Кина) ќе биде клучен во планот на американскиот претседател за придобивање на гласови пред Конгресот. Стратегијата околу Кина е дека договорот е доволно голем и убедлив за таа под притисок да ги прифати стандардите што тој ги воведува.

Партнерството предвидува без царинска трговија и опфаќа укинување на илјадници тарифи за увоз и останати ограничувања на меѓународната трговија, што потписничките до сега ги користеа за заштита на сопствената економија. Американците од ова ќе добијат укинување на повеќе од 18.000 тарифи кои до сега важеа за американскиот производи.

Освен трговијата, ТПП го регулира и начинот на кој ќе се решаваат споровите меѓу државите членки и странските компании. Со него се предвидува и спроведување на повисоки стандарди за заштита на работа и заштита на околината.

Обама веќе има сериозна опозиција за договорот како кај републиканците, така и кај демократите. На сето ова дополнителен притисок доаѓа и од корпорациите. Форд веднаш обвини дека договорот не ја регулира манипулацијата со валути на трговските партнери на САД, како Јапонија, со што директно се намалува цената на производите што тие ги извезуваат во Соединетите држави, и побараа Конгресот да не го прифати договорот.

Проблем со договорот имаат и синдикатите, кои тврдат дека тој ќе доведе до дополнително аутсорсирање на американските работни места, и заради ова и тие бараат Конгресот да не го прифати договорот.

6 октомври 2015 - 10:58