Планот Б на Меркел и опасноста од згаснување на Шенгенот

Коалиција на неволните

Кон средината на декември, во Белгија првите луѓе на најголемите земји во Унијата ќе седнат да разговараат за планот што предвидува на Турција да и бидат платени милијарди евра помош, за таа да се справи со бегалците од Сирија во име на ЕУ и ништо да не пропушта накај Запад.

Планот неодамна го договорија Меркел и турскиот премиер Ахмет Давутоглу, и сега канцеларката треба истиот да им го продаде на лидерите на ЕУ (шефот на кабинетот на Меркел планот го нарекува "Коалиција на волните"). Парите што треба да и бидат дадени на Турција за да ја заврши работата, веројатно нема да бидат толку проблем, како вториот дел од планот кој предвидува во подоцнежната фаза ЕУ да прими контингент од неколку стотици илјади сириски бегалци. Овие бегалци подоцна би требало да бидат поделени меѓу членките на Унијата, идеја на која се противат земјите од Источна Европа.

Околу делот со разумна распределба на бегалците има два проблема, првиот е што Унијата се уште не успеала во редистрибуција на 160.000 бегалци кои моментално се во Италија и Грција (до сега сместени се само 200). И второ, на Унијата планот и' се продава како "последна шанса за Канцеларката да го спаси Шенгенскиот режим."

"... Меѓутоа со стотици илјади бегалци кои слободно можат да патуваат од Грција преку Балканот до Централна Европа, Шенгенот повеќе не функционира. Како резултат на ова експертите за европска домашна политика, вклучувајќи и функционери од Берлин, работат на план кој беше незамислив до пред некое време: укинување на Шенген режимот и воведување на многу помала зона за патување без граници.

Оваа зона не би ја вклучува Грција, која се покажа дека не е способна да ги заштити своите надворешни граници, ниту пак ќе ги вклучува земјите од Источна Европа, кои одбиваат да прифатат бегалци.

Доколку дојде до ова, често цитираната 'култура на добредојде' на Меркел ќе биде излишна. Ќе има нова граница која ќе ја сече ЕУ, и која ќе минува речиси точно по патеката на Железната завеса од Студената војна," пишува Петер Милер во Шпигел.

Меркел веќе некое време е гневна на колегите од Источна Европа, заради што таа станува се поотворена кон можноста за укинување на Шенгенот. За планот кој допрва треба да се разговара таа прво ги консултираше Оланд и австрискиот канцелар Вернер Фејман.

"Ако некои држави во Европа го блокираат секое можно решение на бегалската криза, тогаш има смисла да работиме заедно само со оние кои покажуваат добра волја околу темата. Европските договори, експлицитно го дозволуваат ова," изјави претседателот на европскиот парламент, Мартин Шулц.

Доколку се оствари идејата за "мини-Шенген" негови првични членови би биле Германија, Австрија, Холандија, Белгија и Шведска.

11 декември 2015 - 13:48