Кина ѝ го заштрафи на ЕУ

Во последниве години меѓу Европската Унија и Кина се одвиваше една упорна војна која Кина конечно успеа да ја добие. Битките не беа рововски, беа штрафовски.

За првпат во историјата Кина ќе може да бара воведување санкции за Европската Унија откако Светската трговска организација пресуди дека европските тарифи наметнати на кинеските завртки, навртки, одвртки, шајбни, мутерчиња и слично - се илегални.

Ова е четрвта и конечна одлука на СТО по бројните апелации во спорот кој го покрена Кина во 2009 година, откако ЕУ воведе анти-дампинг маржи за ваквите кинески производи.

Заради заштита на домашно производство, земјите имаат право на вакви мерки, но според меѓународните правила, мора притоа да водат сметка за нивото и обемот на наметнатите давачки. А ЕУ тоа не го направила па имаше поскапено и до 80% од ваквиот кинески увоз. Кинезите се бунеа и затоа што европските анти-дампинг мерки не биле наметнати на конкретни фирми туку на целокупното кинеско производство. 

Засега не се знае дали Кина ќе бара отштета заради ваквата пракса која ѝ нанесе сеериозна штета. Од една милијарда извоз каков што беше забележан во 2008, по воведувањето на трговските санкции тој падна на 200 милиони. Како што совевремено соопшти кинеското министерство за трговија, притоа биле изгубени и над 100.000 работни места.