Во Алепо нема партизани

Во западните извештаи од Алепо нема да ги сретнете имињата на групите што се борат против војската на Башар Ал Асад. Во тие извештаи сите тие ќе бидат означени како „бунтовници“, небаре се Титовите партизани што со храброст и пожртвуваност ја ослободија Југославија од нацистите. А не се.

Изгледав часови и часови видеоснимки што се сведуваат на познати сцени: авиони бомбардираат, крвави деца се носат во болници, цели квартови се разрушени, тела се погребуваат во плитки гробови, Америка и Англија бараат уништувањето да сопре, а Русите цинично и ладнокрвно дозволуваат невините да гинат... Да, некој ќе познае. Зборувам за Полска 1944 година, вели дописникот на Индипендент Робер Фиск, кој има минато 40 години во арапскиот свет.

Тој потсетува на една од најепските и воедно најкрвави битки во Втората светска војна, таканареченото Варшавско востание.

Накратко: Русите успеваат да дојдат до источните делови на Варшава. Полскиот отпор лојален на пребегнатата влада во Лондон решава дека е време за востание за тие да го ослободат градот. Но наместо завршен удар за 9-тата германска армија, Советите застануваат отаде брегот на реката Вистула. Тоа им дава шанса на Германците да се соземат и прегрупираат. 63 дена траат крвавите битки меѓу Германците и Полјаците. Само во првата недела се убиени 40.000 цивили. 200.000 жртви е конечниот биланс кога конечно полскиот отпор бива скршен. 

Исти се сликите, но не е иста ситуацијата, вели Фиск. Сите знаат дека странците се борат заедно со Ал Нусра/Ал Каеда, салафистите од Ахрах ал Шам и другите групации во и околу градот. Но никој не ги спомнува нивните имиња. Сите тие се означени како „бунтовници“, небаре се членови на францускиот резистанс, или југословенски партизани или храбри Полјаци што гинеа за Варшава.

А јасно е дека не се.

Се знаат примери на „бунтовници“ што загинаа храбро, но се знаат и примери кога тие егзекутираат свои внатрешни непријатели, или им сечат грклани на заробеници или пак - за потсетување 'Ал Нусра' всушност е 'Ал каеда на Левантот' - насочуваат патнички авиони во цивилни облакодери во Њујорк. 

Назад кон сцените што на Фејсбук ги гледаме од источно Алепо: Зошто не гледаме бранители како на снимките од Варшава? Зошто не ја знаеме нивната политичка определба како на луѓето од Полска? Зошто не гледаме како „бунтовничката“ воена структура претрпува удари од непријателот? Каде се цивилите од Алепо што се приклучуваат кон „бунтовниците“ за да го бранат својот град, онака како што гледаме во архивските снимки од Полска?, прашува Фиск.

Тој не е единствениот западен новинар што го отвора ваквиот поглед, но нивните малобројни гласови биваат поклопени од општите шаблони за режимот и бунтовниците. На известувачите им е јасно дека не можат да праќаат извештаи од територии контролирани од 'бунтовниците' затоа што тие најверојатно ќе им ги скинат вратовите. А ако баш не се по тоа, ќе им ги предадат на други 'бунтовници', кои радо ќе го сторат тоа.

Сликите се исти, само ситуацијата е поинаква. Во Алепо нема добри момци. А херои секогаш се цивилите. И во Алепо и во Варшава.