Милијардерот што го заложи Плаза хотел за кауција

Милијардерот е од Индија, моментално е во затвор и треба да плати 3 милијарди долари кауција за да излезе. Хотелот е сред Њујорк и е еден од иконските објекти на градот.

Индиецот е во затвор за финансиска измама. Тој требаше да им ги исплати парите на сите кои имаат побарувања од него, по што ќе му ја укинеа казната. Сахара груп инсистираат дека тоа веќе го направиле.

Кога властите бараат доказ за ова, од Сахара груп објаснуваат дека нема никакви записи бидејќи целиот надоместок е даден во готовина, која е собрана внатре во компанијата. Властите инсистираат на каква било документација, по што Сахара им испраќа 127 камиони со информации од 30 милиони инвеститори кои биле обесштетени. Надлежните прават проверка и на 20.000 од наводните инвеститори им испраќаат писмени покани, од нив 8.000 пликоа се враќаат со печат "адресата не постои." Од Сахара враќаат дека ова не е за изненадување бидејќи најголемиот дел од инвеститорите се луѓе што влечат рикши или улични продавачи на храна.

Од една страна дел од законодавците тврдат дека Сахара груп е само голема перална за "црни пари" од корумпирани политичари. Од друга страна Сахара тврди дека надлежните се институција на богатите која не ги разбира или препознава сиромашните инвеститори.

"Со целиот лош публицитет, загрижените инвеститори очекувано треба да ги преплават судовите, барајќи враќање на својот дел од парите. Ниту еден од наводните 30 милиони инвеститори не го направи тоа.

Едно од објаснувањата е дека ниту еден инвеститор не е волен да се појави во јавност, грижа која е пологична за политичар отколку за човек што влече рикша. Друга веројатност е дека умешноста на Рој во масовна психологија е толку добра што сите инвеститори се смирени, без разлика што за тоа велат властите и судовите," пишува Мајкл Дали во Дејли Бист.

Плаза се смета за еден од "скапоцените камења" на Субрата, што тој прв пат се обиде да го продаде во август годинава. До октомври тој не успеа во својата намера, па започна со друг план, да позајми 2 милијарди долари од Мираш Капитал (предводен од друго богато индиско семејство), а за залог го остава Плаза и уште неколку хотели што ги има. Тој најверојатно ќе успее да собере пари за кауција и ќе биде ослободен.

"Меѓутоа остануваат прашањата за Сахара и идентитетот на неговите инвеститори.

Пред да биде затворен Рој патуваше во Македонија и прогласи дека ја завршил својата долга потрага по земја без корупција.

'Одамна во мене тлееше оваа идеја, барав град, држава во светот која што е полна со љубов, и почит, држава без корупција, и тоа го најдов во Македонија' изјави Рој во големиот говор во главниот град Скопје.

Премиерот Никола Груевски беше присутен и секако немаше да му се спротивставува на Рој. Американскиот Стејт Департман таа година имаше поинаков став.

'Иако најголемиот дел од неопходните закони се поставени, нивното спроведување е слабо и јавноста е скептична кон подготвеноста на владата да ги прогонува корумпираните функционери во своите редови. Јавноста ја смета полицијата, судовите, високото образование и здравствената заштита како најкорумпирани јавни сектори. Примери на селективен судски прогон ја исковаа јавната недоверба кон владините институции. Инвеститорите и бизнисмените имаат пријавено дека им бил баран поткуп.'

Рој објави неколку милијарди долари вреден план за инвестирање во Македонија. Тој ќе градеше луксузен ресорт и фабрика за млечни производи. Тој вети дека ќе изгради 10 метарска статуа на Мајка Тереза во центарот на главниот град.

Во последниве месеци, еден од синовите на Рој стана македонски граѓанин. И татко му може да го направи истото ако постојаните прашања доведат до одговори заради кои нему би му било потребно засолниште," објаснува Дали.

16 јануари 2015 - 10:21