Кога аскерот вика сиктер:

Историја на воените удари во Турција

Турската војска себеси гордо се гледа како ангел чувар на турската демократија, во секуларниот дух на основачот на модерната турска држава. Од 1960-та година до денес таа неколку пати направи рестарт на државата, секогаш кога нејзини генерали ќе оценеа дека е потребно ново баждарење на политичкиoт курс во однос на нивната ѕвезда Северница наречена Кемал Ататурк. Синкир денес првпат им е.

1960

Првиот и најжесток воен удар имаше баксуз да го доживее (и башка немаше ксмет да го преживее) премиерот Аднан Мендерес кој заедно со претседателот Челал Бајар -  чунки немаше попаметна работа - си поигра со најсветите делови од доктрината на Ататурк, оние за религијата. Во нивно време повторно се отворија илјадници џамии, беше дозволена молитва на арапски (дотогаш смееше само на турски), се отворија верски училишта, a не им беше ич паметно и тоа што го скратија рокот за служење војска. Превратот го изведоа 16 офицери (сите минати низ обука јабана, во САД) предводени од полковникот Акпарслан Туркеш.

Министерот за внатрешни се самоубива додека е во притвор а за другите се организира судски процес, џенем, на островот Јасаида на Мраморното море кој завршува со смртни казни за премиерот и министрите за надворешни и за финансии. Наспроти аман-заман апелите за помилување кои дојдоа дури и од опозицијата, како и од Кенеди и други светски државници, јок, државата не покажа милост и го егзекутира Мендерес и останатите. До 1965 војската и генералот Инону имаат доминантна улога на политичката сцена кога на првите избори по превратот победува Сулејман Демирел. Ќе владее до 1971 година кога и самиот ќе биде соборен од државен удар.

1971

Во 60-тите години турската економија стагнира а рецесијата предизвикува масовно незадоволство: протести на работници, политички атентати, бомбашки напади, валутата е девалвирана, инфлацијата расте, земјата калабалак тоне во хаос. Пред да му извади тенкови, првиот човек на турскиот генералштаб, на премиерот Демирел му вади меморандум со кој бара "да го врати редот во земјата и да создаде силна и кредибилна влада инспирирана од погледите на Ататурк". По кратка средба со својот кабинет, Демирел решава да даде оставка. Џанам ќе се расправа.

По неколку цивили како технички раководители на земјата, парламентот во 1973 година за претседател на Турција инсталира пензиониран морнарски офицер.

1980

Воениот удар од 71 не ѝ носи политичка стабилност на земјата. Продолжуваат насилните пресметки меѓу левицата и десницата во која гинат илјадници луѓе. Земјата сменува 11 премиери таа деценија и  - ете го аскерот (септември 1980-та) на телевизија, со сиктер порака - ја распушта владата и воведува воена управа на земјата.

Водачот на ударот, генералот Кенан Еврен станува претседател а Буланд Улусу, исто така воено лице, премиер. Овој период на воена управа донесува извесен политички раат. Во 1983 година Улусу го менува Тургут Озал кој успева да ја стабилизира економијата приватизирајќи многу државни компании. Инфлацијата опаѓа а вработувањето расте.

1997

Во 1995 година на парламентарните избори убедливо победува Исламистичката партија на благосостојбата. Таман две години подоцна, премиерот Неџметин Ербакан добива "препораки" од војската кои имаат обврзувачки карактер а се однесуваат на верските училишта, носењето бурки и слично. Подоцна Ербакан е принуден да отстапи од местото, неговата партија е расформирана во 1998-ма година а тој добива 5 годишна забрана за бавење со политика.

Луѓе од таа партија формираат нова партија. За правда и развој.

Меѓу нив е и Реџеп Тајип Ердоган.

Ќе видиме дали тој денес е пишман заради тоа.

16 јули 2016 - 00:46