Дали Дедо Мраз е вмровец или сдсмовец?

Ова исто прашање, аплицирано на американската политичка сцена, го постави Вашингтон пост и доби очекувано поделени мислења.

На поставеното прашање мртви серриозни одговараа политичари и аналитичари. Меѓу нив и поранешниот конгресен спикер Њут Гингрич за кого е очигледно дека Дедо Мраз е републиканец. 

"Дедо Мраз го остварува она што го ветил. Тој верува во трудољубивост, им помага на децата бесплатно и не им наметнува долгови. Тој нè обединува а не нè разделува," процени Гингрич, еден од побудалестите американски политичари кој сам се опишува како "адвокат на цивилизацијата, учител на правилата на цивилизацијата, дефинирач на цивилизацијата и лидер на цивилизираните сили".

Претседавачот на републиканскиот национален комитет се согласил и додал дека "Ако ти се допаѓа подарокот од Дедо Мраз, можеш да го задржиш подарокот од Дедо Мраз."

Демократите имаат поинакво мислење.

"Како некој што е длабоко загрижен и засегнат од климатските промени, Дедо Мраз е чист демократ," проценил еден консултант на партијата.

Со прилична доза иронија, медиумскиот консултант на Барак Обама се согласил дека Дедо Мраз е републиканец, објаснувајќи го тоа со фактот дека е дебел и опседнат со црвената боја.

Пред две години, истото прашање ѝ беше поставено на пошироката јавност при што 44 проценти Американци се изјасниле дека е демократ, 28% дека е републиканец и исто толку не се сигурни какви се неговите политички симпатии.

24 декември 2014 - 13:53