Американскиот лото џек-пот од 6,4 милиони долари се падна во Ирак

Добитник на Мегабакс џек-потот на лотаријата во Орегон е ирачки Курд кој живее во 12 илјади километри оддалечениот Багдад.

Човекот од Средниот Исток на 1-ви декември се појавил во седиштето на лотаријата во Салем, Орегон, со добитниот тикет, кој инаку го купил од Багдад преку интернет.

Според луѓето од лотаријата, наградата ја подигнал 40-годишен, претставителен маж, кој релативно добро зборувал англиски. Тој се одлучил да оди на долгогодишна исплата, од 158.720 долари годишно во следните 25 години. Ова се парите што остануваат откако државата ќе ги наплати своите 38% данок на добивка.

Откако малку им било спорно од каде му е купено ливчето, бидејќи тие официјално не продаваат преку интернет, тие сепак решиле да му ја исплатат премијата бидејќи човекот никако не го прекршил законот. Најголем проблем било неговото барање да не го објавуваат неговото име, што го објаснил со најразлични стравови поврзани со сопствениот и животот на блиските. Ова е прв пат лотаријата да не го соопшти името на добитникот.

Милионерот добитното ливче го купил преку thelotter.com, сајт од Лондон кој он-лајн ги препродава лото ливчињата што ги купиле низ светот.

Добитните бројки за Ирачанецот се 15, 27, 32, 39, 44 и 45.

10 декември 2015 - 16:42