Америка, пролетерска

Младите Американци имаат натпросечна сколност кон лево-либерални ставови, е заклучокот на истражувањето на Харвард според кое Американците родени меѓу 1980 и 2000 се првата генерација во поновата историја на САД која мнозински не го поддржува капитализмот.

Преовладувачко мнозинство од испитаниците сметаат дека пристапот до здравство и образование, намалување на сиромаштијата и нееднаквоста како и регулација на економијата се проблеми што би требало да ги решава државата.

Ова е редовна годишна анкета на Харвард, во која се истражува мислењето на американската популација на возраст меѓу 18 и 29 години, односно во конкретниов случај "генерација Ипсилон". За заплетот да биде поинтересен ова е и најбројната американска генерација во поновата историја на САД зад бејбибумери, "генерацијата која го сакаше капитализмот," и во најголем дел се родителите кои ја одгледаа и воспитуваа генерацијата Ипсилон.

Во однос на политичкото расположение, младите Американци доминантно им даваат поддршка на демократите. Иако Хилари ја освои номинацијата, сепак Берни кај младите има 25% поголема поддршка од неа. Според директорот на истражување, Џон Дела Волп, предноста на демократите пред републиканците во однос на минатата година е зголемена за речиси два пати, од 15 на 28 проценти.

"Најзаслужна за ваквиот раст е претседателската кампања, онаа на Доналд Трамп кој со својата изразито негативна реторика ја поттикнува поделбата меѓу гласачите, заради што Трамп посебно ја изгуби поддршката меѓу младите белци, и онаа на Берни Сандерс кој е 'заслужен за тоа што цела генерација млади Американци почнаа на поинаков начин да размислуваат за политика и за клучните политички прашања.'

Процената на Дела Волп, е дека Сандерс со отворање прашања како одговорноста спрема сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени, предизвикал придвижување кон лево кај младите. Во однос на тоа како ова му успеало на најстариот кандидат (74 години), Дела Волп објаснува дека бирачите и онака не бираат по основа на возраста, туку по основа на ставовите, при што кај Сандерс посебно привлечен е фактот дека тој се обидува да создаде движење на кој поважно му е отворање важни теми отколку успех на изборите," пишува Тена Ерцег во текстот за Новости.

На прашањето, со која од понудените политички преференции се идентификувате, 16% изјавиле дека се сметаат за социјалисти, 19% капиталисти, 31% прогресивци, 32% патриоти, 27% феминисти, и 18% активисти за социјална правда. Во однос на тоа што од наведеното поддржуваат резултатите се: 33% поддршка за социјализмот, 42% за капитализам, 44% за прогресивизам, 57% за патриотизам, 49% за феминизам и 48% за активизам за социјална правда. На прашањата било дозволено да се избере повеќе од еден одговор.

Иако резултатите различно се толкуваат, Дела Волп објаснува дека:

"Истражувањето недвосмислено покажуваат на фактот дека 58% од младите не го поддржува капитализмот, што во последните децении е бројка без преседан, и младите по правило не сакаат да бидат етикетирани и не им е пријатно да се идентификуваат со застарени дефиниции."

12 јули 2016 - 12:08