Во одбрана на Данска

Кога Данска го озакони конфискувањето на личниот имот на азилантите неизбежно се активираа сите можни споредби со Третиот Рајх, што во комбинација со рекламите кои владата ги објави во либанските весници ја залепи Данска на европскиот ѕид на срамот. Неколку месеци подоцна, сето ова почна да изгледа крајно разумно.

Иако е далеку од отвореноста на Германија, Данска сепак не е ни приближно "непродуктивна" во однос на бегалците како Унгарија или Полска.

Џејмс Кирчик во одбрана на земјата, објаснува дека законот за заплена, без разлика како тоа беше објавено во светските медиуми, не дозволува владата да го пребарува багажот на бегалците и да заплени се што ќе најде, туку им дозволува да запленат само предмети што надминуваат вредност од 1.500 долари. Дополнително, од ова се исклучени сите предмети што се од сентиментална вредност "бурми, веренички прстени, семејни портрети, медали или одликувања." Исто така законот не е уникатен ни на територија на Европа бидејќи слична легислатива имаат и Швајцарија, Холандија и некои германски сојузни држави.

Неговиот аргумент е дека законот не е насочен против мигрантите, туку дека "земјата од дојденците ги бара истите работи што ги бара и од своите жители," односно да придонесат во градењето и одржувањето на системот за социјална заштита. Заради ова и најголемиот дел од Данците не го гледаат законот како непријателски акт кон мигрантите, туку како продолжување на скандинавскиот принцип на социјална рамноправност. (Во 2013-та во интервју за Њујорк Тајмс, тогашната министерка за социјална работа, објаснува дека во Данска во минатото "луѓето никогаш не барале помош освен ако не им треба. На баба ми и понудија пензија, и таа се навреди од тоа. Едноставно не и треба.")

"Фундаментален принцип на данскиот систем за социјална заштита, е дека ако имаш начин да се грижиш за себе, тогаш грижи се. Ако немаш, тогаш државата ќе се погрижи за сè од сместување до образование. Овој принцип важи и за данските граѓани," изјавил во разговор со Кирчик, данскиот амбасадор во САД, Ларс Герт Лосе.

Кирчик смета дека намерата на оваа мерка е да се испрати контроверзен сигнал (а не Данска да се збогати од имотот на бегалците, од кои најголемиот дел и онака доаѓа без никаков имот), чија неопходност и Меркел премногу доцна ја сфаќа, дека: "Европа не може да дозволи цел свет да се всели во неа."

Па од сегашна гледна точка данскиот пристап кон мигрантската криза изгледа многу подобар. Шведска која прифати дали повеќе бегалци по глава на жител од која било друга држава, во јануари објави дека ќе депортира околу 80.000 бегалци, "откако премногу доцна го воочи целиот трошок - монетарен и социјален - за нејзината опасно наивна 'великодушност'."

"Долгогодишното едноумие на шведскиот политички и медиумски естаблишмент во однос на миграцијата, го дозволи подемот на Шведските Демократи, некогаш маргинална, крајно-десничарска партија која сега е трета најголема партија во земјата. Уште подесно од Шведските Демократи се паравоените групи кои преминаа на малтретирање и тепање мигранти.

За споредба, во Данска, каде скептиците за имиграција никогаш не беа потиснати од политичкиот разговор, алтернативните гледишта постојано се дел од политичкиот систем. Иако Данската народна партија често пати е погрешно карактеризирана како 'крајна-десница' таа не е ни приближно екстремна како Шведските Демократи," пишува Кирчик.

Слична ситуација на шведската се развива и во Германија, каде широкоградоста кон мигрантите придонесе за раст на крајната десница, и посебно на популистичката Алтернатива за Германија, која на локалните избори освои 13% од гласовите и е трета по големина партија во земјата.

Одбраната на Данска, Кирчик ја продолжува со неколку факти:
- Данска е само една од 5-те земји што придонесуваат во О.Н. со повеќе од препорачаните 0,7% од БДП-то.
- Данска има најголем број на жртви по глава на жител во НАТО мисијата на Авганистан, и е дарежлив донатор во борбата против ИСИС.
- Во 2015-та, Данска има примено 21.000 азиланти (на популација од 5,6 милиони луѓе), наспроти Франција која вети дека во следните две години ќе прими 30.000 азиланти (на популација од 66 милиони луѓе).

"Меѓутоа цената на неодговорните либерални политики за миграција може да се види низ целиот континент во растот на популистички, анти-имигрантски, и анти-ЕУ политички партии кои сега се закана за самата Европа. Премногу долго, европските лидери ги игнорираа своите гласачи, отфрлајќи ја грижата околу миграцијата и националниот идентитет како табу," пишува Кирчик.

24 мај 2016 - 13:45