Убивањето на Џулијан Асанж

Одлуката за екстрадиција на Асанж во САД е првата работа што судот во Лондон ќе ја направи во 2021, и доколку екстрадицијата се оствари процената е дека тоа би било еднакво на потпишување смртна казна за основачот на Викиликс.

Судот во Лондон треба да одлучи дали да го екстрадира основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, во САД по основа на обвиненија за шпионажа. Ако е прогласен за виновен, тој се соочува со затворска казна од 175 години во омилената „земја на слободните“.

Австралискиот граѓанин е обвинет дека им наштетил на САД и на нивните сојузници со објавување на доверливи документи.

Асанж соработуваше со поранешната аналитичарка на американската армија, Челзи Менинг, која веќе ги мина ужасите на така-наречениот правен систем на САД за протекување на тајни документи поврзани, меѓу другото, со американските војни во Авганистан и Ирак.

Меѓу најозлогласениот материјал објавен од Викиликс е „Колатерално убиство“ видеото публикувано во 2010. Во него е сниман настан од 2007 во Багдад, кога екипаж на американски воен Апачи хеликоптер ентузијастички убива дузина Ирачани, вклучително и двајца вработени на Ројтерс.

Во случајот со Асанж неговото злосторство е што: кажал вистина која е спротивна на официјалниот наратив за херојски и спасувачки интервенции на американската армија.

Секако, според перверзната перспектива на САД, сосема е во ред да се масакрираат ирачки цивили - само да не се збори за тоа.

На крајот од краишта, што е империјалистичка војна ако не одржливо касапење и разорување на цивилното население? Сепак посочување на очигледното излезе дека е доволно за да завршиш 175 години во затвор.

И тоа не во кој било затвор. Чарлс Глас, ветеран новинар и поранешен шеф на бирото на Еј-би-си за Блискиот исток - кој самиот го посети затворениот Асанж во Лондон - во Интерсепт пишува дека, ако е Асанж е екстрадиран постои директен ризик дека тој ќе заврши во „Алкатразот на Роки планините“, федерален затвор со супер-максимална безбедност во Колорадо, во кој казната ја одлежуваат бомбашот од Бостонскиот маратон, Џокар Царнаев и бомбашот од Оклахома сити, Тери Николс.

Таму, животот на Асанж ќе се состои од „перманентна самица во бетонска кутија од келија со прозори широки 10 сантиметри, шест проверки на ден од стражарите и еден час физичка активност во кафез на отворено.“

Слична казна секако е препишана и за сите американски војници кои убиваат и силуваат, и за политичарите што ги испратиле да го прават тоа. (Се шалам.)

Во меѓувреме, додека Асанж очекува пресуда за екстрадиција, Британците одлично му „спречуваат пристап до здравствена заштита и го подложуваат на пролонгирана психолошка тортура“ - како што потврдија 117 доктори во писмо до медицинскиот журнал Лансет.

Во ноември 2019, специјалниот известувач на О.Н. за тортура, Нилс Мелзер, веќе предупреди дека психолошката тортура и малтретирање на кое Асанж подлежи во Британија - во име на САД - на крај може да биде погубно за него.

Во меил до мене, Џули Варк, авторката на Манифестот за човекови права, ги спомна забелешките на специјалниот репортер, нагласувајќи дека „банда на така-наречени демократски држави намерно демонизира и малтретира еден поединец, со речиси нула чувство за човекови права и владеење на законот.“

Таа продолжува: „Тоа што официјалниот Левијатан се сврте против Асанж и другите свиркачи е мерка за криминалите што овие држави сакаат да ги сокријат.“

Очигледно, преседанот за екстрадирање на австралиски граѓани од Британија во САД за „злосторството“ на соголување на вистината би било катастрофален удар за светското новинарство - иако секако ќе помогне во дополнително разоткривање на реалноста во самопрогласената „најголема демократија“ на светот, каде, излезе дека слободата на печатот и не е нешто што постои. Сепак браво за другите кул работи како слобода на говор и мисла.

Даниел Елсберг, иконскиот свиркач од 1970-тите кој беше осуден по Законот за шпионирање од 1917 заради протекување на Пентагон документите и со тоа откривање на обемот на измамите и злосторствата на САД во Виетнамската војна, објави отрезнувачки совет во врска со новата мета на империјата: „Џулијан Асанж е првиот новинар што е обвинет. Ако тој е екстрадиран во САД и прогласен за виновен, тој нема да биде последен.“

На ум доаѓаат и други новинари - оние чии животи беа уништени без да се има потреба за прибегнување кон обвиненија за шпионажа. Гари Веб, поранешниот репортер на Сан Хозе Меркјури њуз кој се самоуби во 2004, откако падна во немилост заради откривањето на поддршката што САД во 1980-те ја даваат на крајно-десничарските платеници на Контра во Никарагва кои ја започнаа епидемијата на крак во црните заедници во Лос Анџелес.

Очигледно, објавувањето на американски политики кои убиваат луѓе во странство и дома е далеку поголема закана за „националната безбедност“ отколку самите тие политики.

Како што САД продолжува со својата злотворна амбиција да ја класификува самата реалност, екстрадицијата на Асанж речиси сигурно ќе значи смртна казна.

Меѓутоа за империја која се самоовласти себе да измачува и убива без никаква закана од казна и да ја искоренува вистината на секој чекор, ова ќе биде секојдневна работа.

Белен Фернандез,
Ал Џезира

3 јануари 2021 - 11:07