Марк Зукерберг мисли дека сме идиоти

Благодарејќи на откритијата околу Кембриџ аналитика, дознавме дека Фејсбук дозволил многу поширока и подлабока проституција на нашите приватни податоци отколку што претходно тврдеше. Неискрените објаснувања од Фејсбук навлекуваат уште повеќе прашања и уште помалку доверба кон нив, пишува поранешниот директор на Епл и Хјулит-Пакард, Жан-Луи Гасе.

Во реакцијата на скандалот со Кембриџ аналитика, основачот и ЦЕО на Фејсбук, Марк Зукерберг не беше настроен за карање како Стив Џобс или ЦЕО-то на Сан микросистеми Скот Мекнили. Далеку од тоа, извинувањето на Зукерберг беше добро извежбано во нивниот срам и со трапав избор на зборови: „Мислам дека ја разочаравме заедницата, и се чувствувам навистина лошо и жалам за тоа...“

Како лидер на Фејсбук, Зукерберг е решителен во иднина да ги исправи работите, додека истовремено дава уверување налик излижана касета од телефонска поддршка: „Вашата приватност ни е многу важна“. Да, секако, нашата приватност ви е многу важна на вас; вие направивте милијарди следејќи и собирајќи ги податоците од нашите приватни животи. Човек да се запраша колку Зукерберг е свесен за двојната смисла на оваа изјава.

Ова не беше првото извинување на Зукерберг. Минатиот септември, тој призна дека жали за неговото претходно отфрлање на идејата дека Фејсбук одиграл улога во исходот на изборите во ноември 2016:

„По изборите изјавив дека според мене идејата дека дезинформациите на Фејсбук го смениле исходот на изборите е лудост. Да го наречеш тоа лудост е игнорантско однесување, а ова е премногу важно прашање за да биде игнорирано,“ напиша тогаш основачот, давајќи го своето прво јавно признание дека неговите првични забелешки не биле на место.

По откритието на Гардијан, работите се сменија за Фејсбук: тие станаа многу полоши. Компанијата е на сосема нови одбранбени позиции додека се обидува да објасни како податоците од 57 милиони корисници биле извлечени од Александр Коган и и биле предадени на Кембриџ аналитика, продавач на политичко влијание.

По неколку денови молк, Зукерберг зборуваше со Њујорк тајмс, со Сиенен, со Вајард и Рекод, за да објасни што се случило, и уште поважно, за да ни каже што неговата компанија планира да направи за да ги исправи работите.

Внимателното читање и пречитување на зборовите на Зукерберг ме става во нелагодна позиција. Секако, само жалење дека ЦЕО-то на Фејсбук звучи одлично подготвен нема да ни заврши работа. Тој е професионалец во менаџирање на големи кризи. Вакви испеглани изјави се дел од процесот (од интервјуто за Њујорк тајмс):

„Прашањата за приватност отсекогаш биле  неверојатно важни за луѓето. Една од нашите најголеми одговорности и да се заштитат податоците.“

Ама многу брзо доаѓаме до извртувањето:

„... Нечии податоци се предадени на некој што правилата на системот не требало да дозволат да му бидат предадени, тоа со право е големо прашање и го заслужува големиот бунт.“

Тука Зукерберг успешно го прескокнува клучниот факт дека Александар Коган стигнал до овие податоци на начин кој е комплетно во согласност со правилата поставени од Фејсбук. Звучи како прекршувањето на правилата да започнало откако тој ги ставил своите раце врз податоците и се спогодил со Кембриџ аналитика.

Следно, нам ни се служат решителни изјави. Фејсбук сега сфаќа каде е пропустот и ќе направи сè за тоа да не се повтори во иднина:

„Мерките што тука прво ќе ги преземеме е драматично намалување на податоците до кои програмерите на трети апликации имаат пристап, за апликациите и програмерите да не можат да го повторат она што го направи Коган. Најважната мерка околу ова ја преземавме пред 3 или 4 години, во 2014. Меѓутоа неделава ги истраживме нашите системи, и таму најдовме дека се уште има работи кои според нас не треба да бидат достапни.“

Тука имаме три богати реченици. И проблем кај секоја од нив...

Прво, признанието дека Фејсбук со своите правила им овозможил на програмери преголем пристап до нашите лични податоци. Благодарејќи на Бен Томсон, ние имаме претстава за неверојатната опширност на лични податоци до кои програмерите имале пристап:

Секако програмерите мора да побараат дозвола од корисникот за да можат да ги користат неговите податоци - дури и кога нешто е “невино“ како игра или психолошки квиз - меѓутоа ова не е соодветно разбрана согласност. Корисниците на Фејсбук не се правни експерти обучени за толкување на намерно нејасно составени реченици и мрежа на референци и фусноти.

Второ, Марк Зукерберг тврди дека дури во 2014 компанијата станала свесна за начинот на кој Кембриџ аналитика го злоупотребува Опен граф на Фејсбук (воведен во 2010). Од ова, да бидеме учтиви, блика со наивност. Фејсбук е машинерија за надзор, и негова работа е да знае што се случува на неговата мрежа, на социјалниот графикон. Доказ за ова е и дека Фејсбук уште во 2011 беше предупреден околу злоупотребата на пермисиите за апликации:

„... во август 2011 (европскиот активист за приватност и адвокат Макс) Шремс поднесе жалба пред ирската комисија за заштита на податоците токму нагласувајќи го пропустот во премисите за апликации кои водат до податоците (Ирска е во центарот на оваа жалба затоа што таму се наоѓа европското седиште на Фејсбук).“

На крај Зукерберг ни кажува дека по детална анализа Фејсбук сфаќа дека и понатаму имаат проблематични протекувања на податоци за кои мора да се погрижат („па затоа ние веќе работиме на тоа,“ нè уверува Зукерберг).

Пораката е јасна: Зукерберг мисли дека ние сме идиоти. Како ние треба да веруваме дека Фејсбук не знаел (плус стекнатата корист) за масовната злоупотреба на кориснички податоци од страна на програмерите на апликации. Ние само што станавме свесни за бубашвабата Кембриџ аналитика... уште колку такви треба да излезат од под шкаф? Или со поадвокатска терминологија: „Што точно знаевте, и кога дознавте за тоа?“

Културата на компанијата се шири од врвот и тоа почнува многу рано. Во 2004, човекот кој беше во процес на создавање на Фејсбук наводно ги нарече неговите колеги од Харвард кои му ги доверија своите мејлови, пораки, слики и адреси „глупи морони“. Треба ли добронамерно да претпоставиме дека тој се шегува, или внимателно да размислиме за моќниот увид што ни го дава таквата изјава?

Немам претстава колку доверба има изгубено Фејсбук во сегашниот скандал, уште колку ќе биде изгубено или стекнато во комбинација со ревизија на старите дела и создавање нови, појасни правила. Зукерберг, кој е многу добро начитан, знае дека сè може да изгуби доверба, па и диктатури.

Следната недела и месеци ќе бидат невообичаено интересни, посебно што новата Европска регулативна за приватност (ГДРП) почнува да важи од мај 2018.

Monday note