Јанис Варуфакис

Грција никогаш не излезе од долгот, останува во должничкиот затвор на ЕУ

Претерано тешките услови поврзани со пакетот за „спасување“ значи дека грчката финансиска трагедија може никогаш нема да заврши.

Минатата недела светските медиуми го објавија успешното комплетирање на програмата за грчки финансиски спас започната во 2010 од ЕУ и ММФ. Насловите го славеа крајот на спасувањето на Грција, па дури и крај на мерките за штедење.

Бодрите извештаи од епицентарот на кризата на еврозоната ја претставија 8-годишната интервенција на Европа во Грција како парадигма на промислената европска солидарност кон нејзината црна овца.

Но, повнимателно читање на фактите покажува поразлична реалност. Во истата недела во која опустошената Грција влезе во дополнителни 42 години строго штедење и окованост со долг (2018-2060), како е можно крајот на штедењето и одново стекнатата финансиска независност на Грција да биде презентирана како факт? Наместо тоа, минатата недела треба да биде заведена во нашите универзитетски школи за медиуми и економските школи како пример за тоа како може да се изгради меѓународна согласност околу очигледна лага.

Ама ајде прво да ги дефинираме нашите услови. Што е финансиска помош за спас и како грчката верзија е исклучителна и никогаш нема да заврши? По банкарскиот дебакл од 2008, речиси секоја влада даде финансиска помош за спас на своите банки. Во Британија и САД, владите дадоа зелено светло (секоја на своите) за печатење на планини пари за банките да излезат од дупката. Дополнително, владите на САД и Британија позајмија огромни суми за дополнително да ги помогнат банките кои пропаѓаа додека нивните централни банки финансираа огромен дел од тој долг.

На европскиот континент се развиваше далеку пострашна драма заради чудната одлука на ЕУ, од 1998, да формира монетарна унија во која има Европска Централна Банка зад која не стои ниту една држава за политички да ја поддржи и има 19 влади одговорни за спасување на своите банки во време на финансиски проблеми, кои притоа се оставени без своја централна банка која ним ќе им помогне. Зошто ваков договор со аномалии? Затоа што германските услови за замена на дојчмарката со еврото беше комплетна забрана на какво било финансирање од централните банки на нивните банки или влади - италијански или грчки, да речеме.

Па, кога во 2009 француските и германските банки се покажаа дури и повеќе неликвидни отколку оние на Вол стрит или од Сити, немаше централна банка со овластување или политичка волја за нивно спасување. Па, во 2009, дури и германската канцеларка Меркел испаничи кога и беше кажано дека нејзината влада во германските банки мора да вшприца, преку ноќ, 406 милијарди евра пари од даночните обврзници.

Но, и тоа не беше доволно. Неколку месеци подоцна советниците ја информираа г-ѓа Меркел дека исто како и германските банки, и за презадолжената грчка држава беше невозможно да го регулира својот долг. Доколку прогласи банкрот ќе следеа Италија, Ирска, Шпанија и Португалија, а како резултат на ова Берлин и Париз повторно ќе требаа да ги спасуваат своите банки за сума од над 1000 милијарди долари. Во тој момент беше одлучено дека на грчката влада нема да и се дозволи да ја каже вистината, односно, да го признае својот банкрот.

За да се одржи оваа лага, на неликвидната Атина и беше дадена, под маската на „солидарност со Грците“, најголем позајмица во човековата историја, која веднаш требаше да биде префрлена на германските и француските банки. За да се смират гневните германски парламентарци, џиновскиот заем беше даден под услов на брутални мерки за штедење за грчкиот народ, кој по ова беше ставен во перманентна голема депресија.

За да имате осет за пустошот кој настапи, замислете што ќе се случеше во Британија ако РБС, Лојдс и останатите банки од Сити беа спасени без помош од Банката на Англија и исклучиво преку странски заеми директно на буџетска сметка. Сите доделени исклучиво под услов платите во Британија да бидат намалени за 40%, пензиите за 45%, минималната плата за 30%, трошењето на фондот за здравство за 32%. Британија ќе беше пустелијата на Европа, исто како што е Грција денес.

Но нели овој кошмар заврши минатата недела? Ни најмалку. Технички зборено, грчката финансиска помош има две компоненти. Првата налага дека ЕУ и ММФ на грчката влада и доделуваат одредени финансиски олеснувања со кои се глуми враќање на долговите. Па потоа е суровото штедење кое доби форма на смешно високи даночни стапки и сурово кратење на пензиите, платите, јавното здравство и образование.

Минатата недела заврши третиот пакет на финансиска помош, исто како што заврши вториот во 2015, и првиот во 2012. Сега имаме четврти таков пакет кој се разликува од минатите три на два неважни начини. Наместо нови позајмици, исплатата на 96,6 милијарди евра кои требаа да почнат во 2023 ќе бидат оставени за после 2032, кога парите мора да бидат вратени со камата која е плус на останатите големи исплати што претходно беа закажани. И второ, наместо да го нарекуваат четврти пакет за спас, ЕУ го нарече, триумфално „крај на финансиската помош“.

Смешно висок ДДВ и даноците за малите бизниси секако ќе продолжат, како и новите кратења на пензиите и новите сурови даночни стапки за најсиромашните кои беа закажани за 2019. Грчката влада исто така е посветена на одржување на долгорочното ниво за буџетски суфицит, притоа не земајќи го предвид враќањето на долгот (3,5% од националниот приход до 2021, и 2,2% од 2022 до 2060) кој изискува перманентно штедење, таргет на кој самиот ММФ му дава 6% шанси дека некогаш може да биде остварен од која било членка на еврозоната.

Резиме, откако ги извадија француските и германските банки на сметка на најсиромашните жители на Европа, откако ја ставија Грција во должнички затвор, минатата недела кредиторите на Грција одлучија да прогласат победа. Откако Грција е ставена во кома, тие тоа го направија перманентно и прогласија „стабилност“: тие го турнаа нашиот народ во провалија и го прославија нивното одбивање од карпите на големата депресија како доказ за „заздравување“. Да го цитирам Тацит, и каде што ќе направат пустина тоа го нарекуваат мир.        

27 август 2018 - 19:06