Длабочината на дното

Судејќи по твитер-профилот на Урсула фон дер Лајен, нејзината „длабока растаженост“ за стотиците удавени во Егејското море траела цели 23 минути. Европската Унија е во целосен морален банкрот. Во ваква ЕУ, Виктор Орбан би бил посоодветен шеф на Европската комисија – тој барем не се фолира.

Минатата среда, во 16.36 часот по средноевропско време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, беше „длабоко растажена“. Се слушна дека близу Грција потонал бротче со стотина бегалци, кој претходно бил пресретнат од грчката крајбрежна стража.

Не само што Фон дер Лејен беше „длабоко растажена“ туку и „многу загрижена“ што се случи со исчезнатите. До денес би требало да знае дека се удавиле околу четири-петстотини луѓе, меѓу кои веројатно стотина деца.

Судејќи по твитер-профилот на шефицата на Европската комисија, нејзината „длабока растаженост“ траела цели 23 минути, откако истиот ден, во 16.59 часот, напишала дека ѝ е „задоволство“ што се наоѓа во официјална посета на Чиле.

Ако им се верува на извештаите, посетата минала добро и лавовско достигнување на Урсула фон дер Лејен е што, во интерес на народите и народностите на Европската Унија, таа успеа да потисне, не обична „растаженост“, туку „длабока растаженост“. Жената, прво и основно, е професионалец.

Вести за страшната – и толку непотребна! – смрт на стотици луѓе сепак некако стигна до насловните страници на весниците или во почетните минути на телевизиските вести во Западна Европа. Не е дека баш секој ден се дават 500 луѓе.

Да умреа 50-тина, можеби тоа немаше да биде вест, бидејќи тоа се случува доста често. Можеби тогаш „загриженоста“ на Урсула не би била „длабока“ туку нешто поплитка. Вака, колку повеќе луѓе одеднаш потонуваат во длабочините на Средоземното Море, толку подлабока е загриженоста.

Во последниве десет години се избројани околу 30.000 мртви во таа Сина гробница, онаму каде што сите одиме да си ги ладиме нозете.

Во септември 2015 година, тоа сè уште беше ударна вест. Сите светски медиуми ја објавија фотографијата од безживотното тело на тригодишниот Ајлан Курди, кое брановите го исфрлија на плажата кај Бодрум. Фамилијата бегала од војната во Сирија и од тоа остана само видео од мртво дете со главата закопана во песок.

Оттогаш до денес, Европската Унија морално банкротираше комплетно. Зашто толку многу луѓе не загинаа и покрај потезите на ЕУ и нејзините членки, туку токму поради тие потези. Затоа што како кербери ги штитат границите од голораките бегалци и нивните деца.

ЕУ бараше компромис помеѓу фактот дека земјите како Германија, Австрија или Шведска не можат да ги прифатат сите што се намерачиле таму – затоа што тогаш веќе нема да бидат земји со стандард на кој навикнале – и нивните декларативни западни вредности.
Компромисот е најден во политиката на толку критикуваниот Виктор Орбан – жица, полициски кучиња, патролни чамци, па кој ќе го пројде  тој смртоносен паркур, тој може некаде да бара азил.

Пред некој ден Европската Унија официјално реши процедурите за азил да се спроведуваат на надворешните граници, па одбиените баратели на азил итно да бидат депортирани, кај било. И после? После нека почнат одново низ лавиринтот страдања, можеби ќе имаат повеќе среќа.

Така, ЕУ најде мерка за западните вредности што може да ги поднесе – извезувајќи ја несреќата надвор од своите граници. Она што не го гледаме, не постои. Во ваква Европска Унија, Орбан би бил посоодветен шеф на Европската комисија – тој барем не се фолира.

Урсула фон дер Лејен, пак, е идеалниот бирократ кој среде ноќ може да ги изрецитира сите фрази за „вредностите“, за слободата на печатот, потребата да се вооружи Украина, за владеењето на правото и притоа да биде „длабоко растажена“, „многу загрижена“ или пак „крајно решена“.

Не е познато, на пример, дали Фон дер Лејен била загрижена или тажна кога, како министерката за одбрана на Германија, ѝ давала бизниси вредни стотици милиони евра на консултантската фирма „Мекинси“во која работеле нејзините деца, па тие ангажмани никогаш не биле завршени, ама парите се земале.

Пред истрагата, содржината на мобилниот телефон на Урсула мистериозно испарила, па не можело да се вештачи. Неколку години подоцна, мистериозно исчезнаа и пораките што таа приватно ги разменувала со шефот на „Фајзер“, пред да му нарача вакцини за 35 милијарди евра (види: Урсула набавила по 10 вакцини за секој граѓанин на ЕУ).

По сè изгледа, Урсула нема да банкротира финансиски, како што ЕУ банкротираше морално.

Борејќи се со кризи, ЕУ на своја страна ги задржа ладнокрвните факти - дека таму подобро се живее, дека возовите се побрзи, а градовите  почисти, дека дефинитивно вреди да се биде членка на ЕУ. Но, таа прокоцка една Голема идеја и симболичен капитал.

Кога смртта на петстотини невини луѓе носи само твит за „длабока растаженост“, тоа сведочи за длабочината на падот на твитерџиката и Унијата што таа ја предводи.

Немања Рујевиќ

 

22 јуни 2023 - 10:46