Притвор му е, двор му е

Ќе му биде тешко, ама додека ја чека одлуката за екстрадиција во САД, основачот на Мегааплоуд, КИм Дотком, ќе треба некако да го истурка месецот со отприлика 50.000 долари месечно.

Освен џепарлакот од точно 48.000 долари, судот во Нов Зеланд на Дотком му дозволи да го користи и неговиот Мерцедес од 120.000 евра.

Парите ќе дојдат од замрзнатиот имот на Дотком, а Мерцедесот е едно од дваесетината возила кои му беа конфискувани кога беше уапсен во Јануари. Средставата треба да му помогнат на обвинетиот подобро да ја организира својата одбрана.

Се уште не е јасно дали одлуката на судот има некаква врска со процедуралната грешка што ја направи полицијата кога го апсеше Дотком, заради што постоеше опасност властите да треба да му го одмрзнат целиот негов имот.

Директен извор за џепарлакот е каматата од инвестицијата од 10 милиони долари во владини обврзници.

Сослушувањето за екстрадицијата на Дотком и тројца други е закажано за август.

22 март 2012 - 20:37