Тројниот шок што ја чека економијата на Европа

Додека континентот уште не може да се освести од кошмарот со енергетската криза заради кој затворија некои од најголемите индустриски капацитети, Економист предвидува дека Европа допрва ја чека драмата со зголемениот кинески извоз и тарифите на Трамп.

Од почетокот на деценијава економијата на ЕУ пораснала за само 4%, споредено со 8-те на САД, а од крајот на 2022, ни ЕУ, ни Британија нема раст.

„Како тоа да не беше доволно па ЕУ сега се соочува со напливот на евтин увоз од Кина, кој иако е од корист на потрошувачите, може да им наштети на производителите и да ги зголеми општествените и индустриски разлики. А во рок од една година Доналд Трамп би можел да се врати во Белата куќа, и повторно да залепи големи тарифи на европскиот извоз,“ пишува Економист.

Тајмингот е проблематичен за Европа и затоа што големиот економски раст и е неопходен за остварување на амбициозната зелена агенда, додека во исто време и се појавија неочекувани масовни одбранбени трошоци заради војната во Украина.

Проблемот што доаѓа од Кина се должи на одлуката на Пекинг да ја спасува својата економија и раст (сериозно заглавени по банкротот на неколку градежни компании) преку субвенционирање на производството, посебно во време кога една третина од производите што се продаваат низ светот доаѓаат од Кина.

Тука фокусот на Кина е зелени производи, главно електрични возила, кои се директен конкурент на глобално ниво на некои од водечките столбови на европската економија како Волксваген и Стелантис (Фиат, Крајслер, Цитроен и Пежо).

Од ноември во случај на победа на Трамп, Европа ќе биде сардисана и на атлантскиот фронт ако американскиот претседател реши да ги врати тарифите на европски челик, алуминиум и останати производи кои во 2023 во САД беа продадени во вредност од 500 милијарди долари.

Една од мерките што може да ги преземе ЕУ, поточно Европската централна банка е да ги намали каматите за да го поттикне растот на економијата. Процената на Економист е дека проблемите од надвор ќе можат подобро да се решат ако централните банки со време ги поддржат своите економии.

Тие не препорачуваат ни копирање на американскиот и кинескиот протекционизам со субвенционирање на индустриите миленичиња, објаснувајќи дека војна со субвенции нема победник и ги расфрла и онака ретките ресурси со кои располага.

„Напротив, трговијата ја збогатува економијата дури и во случаи кога нејзините трговски партнери се протекционисти. Производствен бум во Америка е шанса за европските производители да снабдуваат делови; евтин увоз од Кина само ќе ја олесни транзицијата кон зелена енергија и ќе им олесни на потрошувачките кои настрадаа за време на енергетската криза.

Селективен и пропорционален одговор на протекционизмот ќе биде оправдан како обид Америка и Кина да се разубедат од дополнително нарушување на глобалните трговски текови. Но и тоа ќе има одредена цена за европската економија, иако ќе им наштети и на оние против кои е наменет,“ пишува Економист.

Нивниот предлог е Европа да создаде сопствена економска политика која ќе одговара на сегашното време, па наместо американското субвенционирање на индустријата, да почне со трошење на инфраструктура, образование и истражување и развој. Згора на ова да се понудат „интегрирани пазарни услуги“, да се наградува иновацијата, да се обединат пазарите на капитал, вклучително и британскиот, да се реформира обемната и фрагментирана регулатива „која исто така ги кочи индустриите“ и да се поврзе енергетската мрежа која ќе ги направи економиите поотпорни на енергетски шокови и ќе ја олесни зелената транзиција.

2 април 2024 - 15:44