Попустите го прославивме во кругот на семејството

Црниот петок излезе блед

Само околу половина од вообичаениот број на купувачи стапнале во американските продавници за време на распродажбите за Црниот петок, денот кога сите тие очекуваат нивните дуќани да бидат преплавени од луѓе излудени од попусти.

Севкупно, очекувањата се дека во САД продажбата за празнициве ќе скокне, меѓутоа најголемиот дел од тоа ќе отпадне на он-лајн продажбата, и нема ни приближно да им ги закрпи раните на физичките продавници кои цела година „крварат“ пари.

Бројките од Црниот петок се дека продавниците имаат изгубено околу 50% од муштериите во однос на претходната година, и тоа во најголем дел се постарите купувачи кои ги избегнуваат трговските центри заради опасноста од ковид-19.

Организациите кои ги претставуваат физичките продавници вадат бројки кои покажуваат разлики на статистиките во зависност од тоа колку локалните власти успеале да се справат со пандемијата и колку во моментот го забрануваат движењето на граѓаните.

„Во областите каде што нема забрана за движење, имаме муштерии во прилично робусни бројки споредено со останатите држави.

На луѓето им е смачено да дремат дома и сакаат да излезат,“ изјавува првиот човек на ЈЛЛ, која управува со повеќе од 700 локации, Грег Малонеј.

Позитивната вест е што оние кои влегле во продавница за Црн петок било поверојатно да купат нешто, па во оваа категорија има 4% раст од пред една година, додека вредноста на просечната трансакција пораснала за 5,9%.

Сепак на крај физичките продавници го завршија денот со 30% пад на приходите.

Тие сега се надеваат дека следниот месец ќе се зголеми обртот на муштерии, заради стравот на купувачите дали празничните он-лајн нарачки би им стигнале на време.

Од друга страна статистиките покажуваат дека има 22% раст на бројот на луѓе кои прв пат во живот купуваат нешто он-лајн. Очекувањата се дека, по бледиот Црн петок ќе следува рекорден Сајбер понеделник со потрошувачка меѓу 10,8 и 12,7 милијарди долари.

30 ноември 2020 - 10:31