Аргентина нема веќе пари, ќе се оди на шок терапија

Новиот министер за економија на Аргентина, Луис Капуто, половина од своето прво телевизиско обраќање го потроши на објаснување како земјата се нашла во таква ситуација, зависност од задолженост, за која тој смета дека единствен лек е шок терапија.

Во повеќе наврати од говорот Капуто повтори „веќе нема пари“, што беше една од главните пораки од првиот говор на новиот аргентински претседател Хавиер Милеи.

Капуто најави 10 мерки кои треба да ја спасат економијата. Прва и веројатно најтешка е масовна 54-процентна девалвација на пезосот и намалување на трошењето. Под трошење се подразбира преполовување на бројот на министерства, намалување на парите за провинциите, трошењето на јавни работи и намалување на субвенциите.

Процената е дека вкупното кратење на трошењето ќе изнесува 2,9% од БДП-то на Аргентина.

Самиот Милеи за време на кампањата вети дека целосно ќе го укине пезосот и ќе го замени со американскиот долар. Заедно сосе пезосот тој најави и затворање на централната банка.

Милеи на својата инаугурација ги предупреди Аргентинците и дека ќе мора да истрпат месеци болка додека тој работи за да ја извади земјата од економската криза што ја наследил од својот претходник.

14 декември 2023 - 15:09