Американската инфлација не е од Путин

Уште пред да излезе редовниот извештај за инфлацијата во САД, советниците од Белата куќа се растрчаа за да предупредат дека бројките ќе бидат страшни и дека Путин е крив за тоа. Како што ќе напише Вол стрит журнал во својот едиторијал „што е многу подобро отколку за тоа да ги обвиниш своите политики“.

Во последните 12 месеци цените во САД се зголемени за 8,5%, што е најбрза стапка на раст во последните 40 години.

Иако никој не го негира уделот на цените на енергенсите во стапката на инфлација, Вол стрит журнал потсетува дека инфлацискиот тренд во САД започнува пред една година на самите почетоци на претседателствувањето на Бајден, „многу пред Путин да ја почне инвазијата“.

„Претседателот Трамп во декември 2020 потпиша непотребен закон за олеснување од Ковид во вредност од 900 милијарди долари, а демократите истурија керозин на тоа со уште 1.900 милијарди долари во март 2021. Федералните резерви продолжуваат да поддржуваат негативни каматни стапки речиси две години по крајот на пандемичната рецесија.

Оваа инфлација е создадена во Вашингтон Д.Ц,“ пишува во едиторијалот на Вол стрит журнал.

Во директни бројки реалната неделна просечна плата е намалена за 18 долари за време на мандатот на Бајден.

„И ако сакате да знаете зошто Американците се негативни кон економијата дури и кога има изобилие на работни места, ова е тоа. Нивните реални плати се намалени додека цените за секојдневните производи и услуги и понатаму брзо растат,“ се наведува во текстот.

Вака наредените коцки од Вол стрит журнал ги толкуваат како предзнаци за рецесија, бидејќи историски кога инфлацијата ќе достигне вака високо ниво, каматните стапки ќе мора да ја надминат стапката на инфлација за да ја спречат.

„Инфлацијата е моќна политичка сила затоа што не може да исчезне со демагогија. Речиси секој гласач ја чувствува секој ден. Ако ноемвриските избори се референдум за трошоците на живот, гласачите нема да го обвинат Кремљ. Ќе ја обвинат партијата на власт во Вашингтон,“ порачува Вол стрит журнал.

19 април 2022 - 14:52