Светот му честиташе Божиќ на Ноле

Обожавателите на Џоковиќ дошле до многу уникатна идеја која се состои од видео пораки во кои му го честитаат христијанскиот празник, како и фотографии кои биле изложени на плажа во Барселона.

Најдобриот тенисер во светот Новак Џоковиќ доби огромно изненадување од фановите од целиот свет. Во уникатната идеја учествуваат голем број негови фанови кои успеале да соберат над 400 фотографии и да направат огромен колаж кој е висок три метри.

Подарокот го презентирале на плажа во Барселона, а видео пораките се снимени од различни земји на различни јазици. Во целата организација учествувала и извесна Емилија од Македонија која на крајот на видеото е потпишана помеѓу многумината обожаватели на српскиот тенисер.

Верните навивачи се воодушевени од секој потег на Џоковиќ, а некои од моментите кои ги издвоиле се јадењето на тревата на турнирот во Вимблдон, како и спектакуларниот пречек во Белград.

Популарниот Ноле за оваа идеја на фановите им се заблагодари на својот профил на Твитер, а воедно им го честиташе и денешниот голем христијански празник на сите кои го слават денеска.

Џоковиќ оваа сезона прославува 10 години од неговото професионално занимавање со тенисот, а првиот негов предизвик во 2013 година ќе биде турнирот „Австралија Опен" каде ќе се обиде да ја одбрани титулата.

7 јануари 2013 - 16:19