Сите земји ќе пратат жени на Олимписките игри

За прв пат во историјата на Олимписките игри, сите земји учеснички на Олимпијадата во Лондон која ќе започне на 27. овој месец, во својата делегација ќе имаат и жени.

Саудиска Арабија, Катар и Брунеи попуштија по долгите убедувања со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), но и притисокот од целиот свет од каде многу невладини организации побараа од МОК целосно да им забрани учество Олимписките игри доколку тие немаат спортистка во својот состав.

Овие три земји беа единствени во олимписката историја кои не биле претставувани од жена, па така Олимписките игри во Лондон ќе бидат првите на кои сите земји учеснички во својата делегација ќе имаат барем по една жена.

Катар и Брунеи попуштија уште пред неколку месеци, но последни се инатеа Саудијците. Пред два дена тие го потврдија својот став дека нема да пратат жена во Лондон, но вчера тие сепак го сменија мислењето. На Олимписките игри во Лондон со специјални покани од МОК ќе патуваат една џудистка и една атлетичарка од Саудиска Арабија.

13 јули 2012 - 10:03