Нападот во Анкара кобен по таткото на Умут Булут

Турскиот клуб Галатасарај потврди дека таткото на нивниот играч и репрезентативец на Турција, Умут Булут загинал во синоќешните терористички напади во Анкара кога загинаа повеќе од 35 лица.

Во нападот на двајца бомбаши самоубијци во главниот град на Турција загинале најмалку 37 лица, меѓу кои и Кемал Булут, таткото на напаѓачот на Галатасарај.
„Нашиот главен град беше потресен од фатален напад вчера вечер и во него настрадаа невини лица, а ние сме потресени од вестите кои пристигнаа утрово. Со голема тага ја примивме веста за смртта на таткото на Умут Булут, Кемал Булут. Клубот и играчите сочувствуваат со Умут Булут и неговото семејство. Болката е неизмерна“, стои во соопштението на Галатасарај кој следниот понеделник ќе го пречека големиот ривал Фенербахче.
Умут Булут го носи дресот на Галатасарај од 2012. година. На 15. март ќе наполни 33 години, а досега во кариерата дал 194 голови од кои 10 во турската репрезентација. Два пати беше шампион на Турција и три пати го крена трофејот од купот.