Се мотивира со страв од ајкула што му одгриза нога

На спортистите секогаш им е потребна мотивација за успех. За некој тоа се парите, а еден пливач на Параолимписките игри во Лондон се мотивира со страв од ајкулата која му ја одгризала ногата.

Јужноафриканецот Ахмат Хасим заедно со неговиот брат во 2006-та година работеле како спасувачи на плажа во Кејп Таун.

Еден ден додека неговиот брат бил во водата, Ахмат забележал ајкула, но брат му не ги слушнал неговите повици, па тој решил да и го одвлече вниманието.

Со оваа одлука тој му го спасил животот на неговиот брат, но ајкулата го нападнала него и по 150 метри влечење Ахмат останал без десната нога.

Губењето на ногата било трауматично искуство за Ахмат, но тој не се откажал од пливањето и станал параолимписка ѕвезда, а најголема мотивација за него претставува токму тоа лошо искуство.

Секој пат кога Ахмат се натпреварува, тој се мотивира на тој начин што замислува дека го брка ајкулата кој му ја одгризала ногата. И оваа мотивација навистина му помогна. Ахмат Хасим го освои бронзениот медал на трката на 100 метри пеперутка на Параолимпијадата во Лондон.

5 септември 2012 - 09:22