Колку заработуваат тенисерите кои не се дел од елитата и каков е планот да им се помогне?

Според некои проценки, Ѓоковиќ тежи 520 милиони долари, Надал 515, а Самит Нагал, број 1 тенисер во Индија вели вака: „На сметка имам 900 евра и за да заштедам патувам само со тренерот. Играм Гренд слемови, но сиромашен сум“.

„Системот за наградување во светот на тенисот е неуспешен. Ако погледнеме дека во овој спорт само 400 играчи можат да ги покријат трошоците за глобално движење како нашето, тогаш тоа е илузорна бројка“.

Ова го вели Новак Ѓоковиќ, најуспешниот тенисер според број на Гренд слем трофеи, со најголема заработка од турнири, што значи проблемот добива уште поголема тежина.

Србинот зборуваше на оваа тема, а тоа е јасната разлика меѓу големите тенисери и оние кои не се дел од врвот.

„Можеби на тие нивоа можеш да преживееш ако имаш поддршка од својата земја, јас како млад од Србија тоа го немав, напротив бев оставен сам на себе. За овие момци се зборува многу малку, се зборува само кој победил на Гренд слем, тоа е погрешно“, вели Ѓоковиќ.

Темата ја начна и најдобрата тенисерка во светот, Ига Швјонтек, нагласувајќи ја родовата разлика во паричните награди на турнирите, што е друго прашање.

Неодамна АТП изработи иновативна програма за да им гарантира на тенисерите до 250-то место на АТП, одредена плата. Ќе започнe токму годинава со пробен период од најмалку три сезони.

Минималниот гарантиран годишен приход за тенисерите од топ 100 ќе изнесува 300.000 долари, на оние од 101 до 175 место ќе им следуваат 150.000 долари, а третата група од 176-250 позиција по 75.000 долари.

Секој што ќе учествува на помалку од девет АТП турнири поради повреда ќе може да смета на 200.000 долари (топ 100), потоа 100.000 долари (101-175) и 50.000 (176-250).

Инаку Ѓоковиќ пред три години го формираше Здружението на професионални тенисери (Птпа), кое има за цел да ги заштити тенисерите кои не се дел од светската елита. За учество на турнирите, тенисерите треба да платат летови, патувања, сместување и пред сè тренери, физиотерапевти и екипа која може постојано да ги следи.

Со овој нов систем се очекува да се поддржат младите кои ќе влезат во топ 125. Тие ќе имаат на располагање 200.000 долари, аванс што ќе треба да го вратат врз основа на заработката што ќе ја добијат последователно.

Муратоглу кој е поранешниот тренер на Серена Вилијамс, упатил апел со отворено писмо до институциите, нагласувајќи ги разликата со заработката во други спортови.

За пример ја има земено заработката на 100-от најплатен фудбалер, не во светот, туку во Италија, а тоа е Лука Јовиќ кој има годишна плата од 2,5 милиони евра.

„Сосема различна сума во однос на 100-от тенисер во светот, плус фудбалерите немаат никаков дополнителен трошок за да стигнат до теренот каде треба да играат“, вели Муратоглу

За непријатноста да се живее од тенис, одличен пример е францускиот филм „Петтиот сет“, кој ја опишува приказната за Томас Едисон, млад талент кој и на 37 години имал финансиски проблеми за да учествува на Челинџери и на турнири со помали награди.

Паричната награда за победник на Челинџер е обично меѓу 7 и 10.000 долари, а за Фјучерси е уште помала. Тоа се турнири на кои елиминација во прво коло значи одење дома со 500 долари, што значи дека си во зијан, со оглед на трошоците.

Самит Нагал, број 1 тенисер во Индија и 138-ми на АТП, упати апел кој шокираше.

„На сметка имам 900 евра и за да заштедам патувам само со тренерот. Играм Гренд слемови, но сиромашен сум. На крај на година ги имам истите пари од претходно“.

4 јануари 2024 - 15:18