Кога Федерер добил крава на еден турнир и научил да ја молзе

Во 2003 година по првиот освоен Грен Слем на Вимблдон, Роџер Федерер имал 21 година и уште не одлучил дали да игра на помали турнири. Кога се решил, добил необичен подарок од домаќините.

Некое време после првиот трофеј на Вимблдон, Швајцарецот решил да игра на земјена подлога на турнирот во Гштад, каде 5 години претходно дебитирал на професионално ниво на ATP откако добил вајлд кард од организаторите.

Во швајцарскиот град Гштад ова бил голем настан, нивниот миленик повторно се вратил на турнирот.

На пет часа до почетокот на првиот меч на Роџер во Гштад, на централниот терен се собрале 6.000 гледачи, а во чест на шампионот била организирана и церемонија.

„Мислев дека просто ќе излезам на терен, ќе ги поздравам навивачите, ќе кажам два-три збора и ќе излезам. Но наеднаш се појави таа!“, се сеќава Роџер на најнеобичната награда која што ја добил.

А таа била 800-килограми тешката крава по име Џулиета, која раководството на турнирот му ја подарила на Федерер.

Заменик директорот на турнирот, Клаудио Херменјат го објаснил изборот за таква награда:

„Роџер само што го освои Вимблдон. Што и да му подаревме ќе изгледаше глупо. Затоа решивме да му подариме крава“.

Но подоцна се испоставило дека изборот не бил баш така наивно донесен. Швајцарските новинари утврдиле дека подарокот го смислил локалниот бизнисмен и фармер Ганспетер Ројст.

За него пишувале дека е „Џејмс Бонд на швајцарското сирење, кој работи во бункери во шумите“. Со тоа што ќе му подари крава на Федерер тој сакал светот да зборува за сирењето од Гштад.

Покрај тоа, централниот терен во Гштад е наречен во чест на легендарниот 12-кратен шампион на Гренд Слем, Рој Емерсон кој на турнирот во Гштад го одиграл последниот меч во кариерата а подоцна таму купил куќа.

Австралиецот Емерсон, кој долги години беше рекордер по бројот на победи, раскажал дека израснал на фарма во Квинсленд и дека секое утро таму молзел крави од чие млеко имал силни коски и бил спремен за јаки удари во тенисот.

РОЏЕР БИЛ ВООДУШЕВЕН ОД ПОДАРОКОТ

Федерер, откако ја добил кравата на поклон, зборувал за тоа во неколку интервјуа.

„Секако дека е посебен подарок. Јас сум Швајцарец и знам дека ние имаме имиџ на земја со многу крави. Многу ми е драго што сега имам крава, толку тивко, мирно и големо животно. Ќе научам да ја молзам. Ќе правам се за неа. Сега треба да најдам штала за да ја сместам, иако не знам како треба да изгледа таа штала“, раскажал еден од најголемите спортисти на сите времиња.

На Роџер секако му покажале како да ја молзи Џулиета, но немал доволно време да најде штала за неа. Кога заминал од градот Гштад, кравата му ја подариле на фармерот Руди Ферен од кого организаторите и ја купиле претходно.

Швајцарските медиуми пишувале дека Федерер дури и не бил сопственик на кравата Џулиета и дека немал права на целото млеко од неа. Ама па побарале од него да му даде име на телето од неа и тој го избрал името Еделвејс.

Во зимата 2004-та Роџер сакал да почне да се грижи за кравата, но распоредот на турнири не му дозволил.

Набрзо потоа сите заборавиле на Џулиета, таа остарела и давала малку млеко. Организаторите поради тоа уште на времето бирале крава на рана возраст, со цел да не се исплаши на церемонијата на централниот терен.

Во 2013-та година Федерер го прашале на една прес-конференција за Џулиета, но не дал баш среќен одговор како претходно: „Таа веќе не е со нас. Вие живеете во минатото. Кравата одамна умре. Викаат дека и нејзиното теле исто“, сурово рекол Роџер.

Но годинава Федерер првпат после 2004-та година се врати на турнирот во Гштад и одново му подариле крава - се викала Дезире. Реномираниот швајцарски весник Blick пишувал дека таа не се задржила долго во сопственост на маестро Федерер и дека набрзо ја продале на аукција.

22 април 2020 - 13:30