Хамилтон ја покори Канада и се одмазди за Монте Карло

Британецот ја оствари и третата победа сезонава, а 37. во кариерата откако вечерва триумфираше на патеката „Жил Вилнев" во Монтреал.

Возачот на Мерцедес водеше од почетокот до крајот на вечерашната трка во Канада. Второто место, со две секунди заостанување го освои неговиот тимски колега Нико Розберг, а на подиумот се качи и Валтери Ботас од Вилијамс.

Големата награда на Канада не донесе спектакуларни престигнувања, затоа што Луис Хамилтон доминантно возеше во текот на целата трка. Актуелниот шампион во целост ја контролираше трката, а Нико Розберг немаше ниту една прилика за нешто повеќе.

Себастијан Фетел, пилотот на Ферари е можеби најпријатното изненадување вечерва, затоа што ја почна трката како 18-ти, два пати беше во боксот, а сепак на крајот заврши како петтопласиран.

Зад Фетел следуваа Фелипе Маса од Вилијамс, Пастор Малдонадо од Лотус, Нико Хилкенберг од Форс Индија, Данил Квјат од Ред Бул како и Роман Грожан од Лотус. Со последниот триумф, Хамилтон дополнително ја зголеми предноста во генералниот пласман и сега има 17 бодови повеќе од директниот конкурент Нико Розберг.

Ф1 шампионатот продолжува со Големата награда за Австрија која почнува на 21. јуни и се вози на патеката „Ред Бул ринг".