ОК, значи имам проблем со пиењето

Меган Кестер е стенд ап комичарка од Лос Ангелес. Во една прилика порача дека не само што е достапна за приватни или компаниски забави, туку инсистира на нив. Во интимна и искрена исповед за Вајс, објаснува зошто пишува со една рака.

ОК, значи имам проблем со пиењето

Премногу пијам. Како знам дека премногу пијам? Затоа што тоа го правам и додека ги пишувам овие редови. Едната рака на тастатурата, друга на чашата.

Моето пиење никогаш не довело до тоа да го загубам домот, семејството или кариерата, но јас и воопшто ги немам овие нешта за да ги загубам. Муабетот може да биде дека јас ги немам овие работи затоа што, наместо нив, имам проблем со пиењето. Проблем кој, пред да почнам (повторно, со една рака) да ги пишувам овие зборови, имав одбрано да го игнорирам и да измислувам бесконечни изговори.

Имам едно правило - не почнувам да пијам додека не зајде сонцето - што со години го употребував како доказ за отсуство на проблем. (Белешка: споменатото правило не важи секогаш кога сум на нешто што и од далеку личи на одмор). Ден по ден, си се тапкав по рамо и си се восхитував на моето воздржување, додека со радост го очекував зајдисонцето. Под услов, секако, завесите во станот да ми се тргнати, за да можам да го видам.

Чекањето да падне ноќ за да си направам коктел сепак е лесна задача, ако се земе предвид дека цел ден сум се опоравувала од пеколот на кој сум си го изложила телото претходната вечер.

Излегува дека дали имам пред себе шише или фронтална лоботомија е всушност едно и исто. Деновите се прелеваат еден во друг, заменливи во нивната баналност. Станувам на пладне, се тетеравам во маглина, се џарам во, споредено со мојот, среќните животи на моите продуктивни, добро прилагодени пријатели додека тие си се забавуваат на социјалните медиуми и полека, методично, си пијам кафе. Многу кафе. Кафето е неопходност, тоа е кафено бледило, ехо на вреќичките кои постојано ги имам под уморните очи. Живеам на позајмено време, функционирам обвиткана во маглив превез додека сонцето е во неговиот зенит и панично брзам кога и да треба да ја напуштам безбедноста на славната соба која ја нарекувам стан. Непрекинатото итање е карактеристично за секоја ситуација, колку и да е таа важна или неважна, итна или не. Се' почесто се фаќам како се извинувам за моето доцнење, како испраќам очајни пораки на семафори, удирајќи по воланот од нервоза. Сообраќајот ме фрустрира, тоа е сигурно, но повеќе сум вознемирена од самата себеси.

Вознемирена сум што повторно сум останала будна до рано наутро гледајќи видеа на Јутјуб кои сум ги видела милион пати и испраќајќи засрамувачки мејлови, кои ги пишувам со едното око затворено, а другото целото закрвавено и жмиркајќи, затоа што не можам убаво да гледам. Ретко ги препрочитувам овие мејлови пред да ги испратам. Не сакам да знам што има во нив.

Мојата продуктивност страда. Си велам себеси и на секој друг кој може да ме чуе дека имам пишувачка блокада, но реално е дека имам блокада на реалноста. Идејата на функционирање во непреиначена состојба ме ужаснува. Страв ми е од страшни вистини, кои се целосно и длабоко јасни. Затоа, пијам.

Понекогаш некој пријател ќе ми каже, со ококорени очи и со загрижен тон, дека многу пиел, три, четири ноќи по ред. Зависно од моето ниво на интоксикација, или ќе изразам загриженост, или ќе го информирам дека имам пиено секоја ноќ во изминатата деценија. Зависно од неговото ниво на затруеност, тој или ќе мисли дека оваа информација е забавна, или таа ќе го депримира. Како и да е, јас не чувствувам ништо. Затоа, пијам.

Умереноста не е збор во мојот речник. Пијам додека има што да се пие, а потоа често пијам уште повеќе. Јас сум по течностите, не по цврстите материи. Можам со денови да не јадам, живеејќи на диета базирана на „сосови", премирајќи од страв при помислата да живеам во суво домаќинство.

Како и многу други луѓе и јас ја користам социјалната вознемиреност како изговор за мојата постојана интоксикација. Полесно е да комуницираш со светот преку филтер, исто како што е полесно да постираш фотографии од себеси со филтер. Филтерите, на крајот на краиштата, ги кријат мааните.

Работам стенд-ап комедија. Рутински, го правам тоа и во изменета состојба. Кога си комичар, често единствениот начин на кој ти компензираат се бонови за пијачки. Како неверојатно евтина личност, сметам дека одбивањето нешто што е бесплатно е несфатливо. Не сум единствената која мисли така. Една игра која интерно ја играме со моите пријатели-комичари е: „Кој од нас ќе се пријави во Анонимни алкохоличари прв?". На сите ни е страв да го признаеме поразот. Страв ни е да бидеме оние кои не можат да излезат на крај со тоа, кои не можат да издржат, кои се дрогашите на некоја забава. Но секако, во еден момент, ќе мораме да го направиме тоа. Списокот на комичари кои остареле како алкохоличари е подолг од список за настапи на отворен микрофон. Речиси сите мои познатинад 35 годишна возраст, кои го работат она што јас го работам, на крај пресушиле и се препуштиле на судбината да бидат тажната душа која гледа некое шоу со безалкохолен пијалок во неговата или нејзината рака. Тоа веројатно значи дека имам четири добри (а под добри, мислам лоши) пијачки години останати во мене.

Знаете она кога на реклама за алкохол на крај пишува „пиј одговорно"? Го читам тоа, и си мрморам, „фала за советот", а потоа продолжувам дур не се здрвам вон секоја мерка. Често одам некаде ако знам дека ќе се начукам. Ноќта ми е испланирана околу пиењето. Поголемиот дел од времето тоа е единствениот план кој го правам.

Веројатно мојот омилен пијалок е бурбон, но не правам проблем околу типот на пијачка. Ако содржи повеќе од 0% алкохол, или барем е полуподнослив, ќе го пијам. Не знам каков е вкусот на добро вино, но знам каков вкус има просечното. Знаете каков? Одличен.

Си велам дека не можам да продолжам да живеам вака. Па сепак, во срцевината на моето срце, знам дека ќе биде така. Затоа што алтернативата е непознатото. Алтернативата е отсуство на удобност. Пијам толку долго што не знам за ништо друго. Мојата врска со алкохолот трае подолго од повеќето бракови, на некој начин ние сме земени. Ние сме партнери, кои не сакаат да се разделат бидејќи наоѓаат утеха во нивната рутина. Сакам развод, многу. Но и не сакам да бидам сама. Затоа - пијам.

11 октомври 2014 - 12:03