Ѓоковиќ донирал средства за Бергамо, Италијанците воодушевени

Светскиот рекет број 1 ѝ помогнал на земјата која многу ја сака, чиј јазик го зборува перфектно и каде има милиони свои навивачи.

Новак Ѓоковиќ уште од почетокот на пандемијата со коронавирус која страшно ја погоди Италија, покажа блискост со оваа земја, а сега се решил за нов гест кој ги воодушевил Италијанците. Донирал средства за болницата Тревиљо-Караваџо и Романо во Ломбардија.

Познатиот италијански водител Бруно Веспа, во емисијата „Порта а Порта“ во вторникот вечер емитуваше репортажа од актуелната состојба во најпогодениот град во Европа од Ковид-19, Бергамо.

„Ни стигнаа многу значајни донации од странство и тоа многу ме трогна. Најмногу ме изненади онаа од Новак Ѓоковиќ, тенискиот број 1 на светот кој веќе даде огромни донации за неговата Србија и кој кога ги слушна вестите за Ломбардија и за провинцијата Бергамо, помисли и на нас. За мене тој е голем човек, се надевам еден ден ќе можам да го гушнам.

Важната донација од Ѓоковиќ ќе ни овозможи да ја опремиме шок собата за интензивна терапија во болницата Тревиљо која за време на вонредната состојба е срце на реанимациските активности.“, вели Питер Асембергс, директор на ASST (Azienda Socio Sanitaria Territoriale) Здравствен центар во западниот дел на Бергамо во емисијата „Порта а Порта“.

Донацијата, вели Асембергс, веднаш ќе се искористи за набавка на респиратори, медицински маски и друга медицинска опрема. Италијанските медиуми пишуваат дека станува збор за донација од 1 милион евра и дека Ѓоковиќ сакал тоа да биде анонимно. Асембергс бил воодушевен од гестот и сакал да го сподели со италијанската јавност.

15 април 2020 - 12:52