Вардарки ја надополнија црвено-црната вечер

По воведниот пораз од Ѓер во Скопје, ракометарките на Вардар се консолидираа и со убедливи 13 голови разлика славеа против Хипо, 25-38.

Фактот што сите ракометарки на Вардар, освен голманката Ина Суслина се запишаа во листата на стрелците покажува колку квалитетен меч одиграа црвено-црните девојки вечерва.
 
Фаворитската улога Вардарки ја оправдаа веќе во 12-та минута од мечот кога имаа сигурни осум голови предност и водеа 10-2. Ристоска и Лекиќ го торпедираа противничкиот гол, така што веќе по истекот на 21-та минута Вардар имаше двоцифрена предност. Највисока предност, Скопјанки имаа во 40-та минута кога на семафорот стоеше +15 за Вардар.
 
По почетниот пораз против најголемиот ривал Ѓер, Вардар заслужено триумфираше во Австрија и сега има една победа и еден пораз по двата натпревари. Најефикасни ракометарки во составот на Кастратовиќ беа Лекиќ, Сокач, Ристоска и Сања Дамјановиќ со по четири постигнати гола. Русинката Ина Суслина запиша 11 одбрани.
 
Кај домаќинките, Алзбета Тотова беше прв стрелец со шест погодоци. Утре се игра дербито на групата меѓу данскиот Митјиланд и унгарскиот Ѓер кои ќе одат на втора победа во групата.
 
Во следното коло, Вардар игра токму против Митјиланд на 1. ноември во Скопје.