Вардар одново блесна во Германија

По ланскиот епски триумф против европскиот првак Хамбург, македонскиот вицешампион му одржа ракометна лекција на уште еден бундеслигаш. Овој пат на колена е гигантот Рајн Некар, кој втор пат сезонава не можеше да излезе на крај со момците на Раул Гонзалес.

Ракометарите на Вардар отпатуваа во Германија со 13 бодови, еден повеќе од Рајн Некар и со нерешен резултат ќе го имаа второто место во групата. Но Црвено црните го декласираа и го понижија тимот кој се наоѓа на втората позиција во најсилната ракометна лига во светот.

До осминафиналето во Лигата на шампионите, Вардар ќе патува како второпласирана екипа во групата Ц, со два порази, едно реми и седма извонредна победа која ја прославија во голем стил со 35:28.

Тоа го најави во првите 7 минути игра откако Ален Токсиќ реализираше три голови, за серија од 3:0 со што ги натера домаќините веднаш да бараат тајм аут. Но тоа не промени ништо на паркетот, бидејќи Рајн Некар и натаму имаше проблеми во играта од одбраната и нападот.

Избраниците на Раул Гонзалес беа сигурни и фуриозни и преку брзи контри го разбија противникот кој во 18 минута имаше негатива 12:6. Германците и натаму беа немоќни да ги сопрат налетите на нашите ракометари и на полувреме губеа 20:13.

За беспрекорната игра заслуги има целосниот табор на Вардарци, а најопасно делуваа Карачиќ и Дибиров кои заедно постигнаа 13 голови во првите 30 минути.

Германците беа излезени од колосек и во вториот дел и имаат големи проблеми со силниот Вардар кој продолжи да гази до крајот на мечот. Голови за зголемување на водството постигнаа Душебаев и Шишкарев, а Вардарци по десетина минути во вториот дел имаа дури и 11 голови предност.

Тоа беше доволен показател дека Бундеслигашот нема што да бара против фуриозниот македонски состав кој слави на три средби во низа против германските противници.

Карачиќ со 8 и Дибиров со 6 беа двајцата најпрецизни стрелци во Вардар, а Штербик имаше 12 интервенции.

21 февруари 2015 - 22:54