Вардар капитулираше во финишот против Барселона

Македонскиот ракометен шампион и покрај тоа што пружа храбра и борбена игра со која имаше водство на поголемиот дел од мечот, сепак не успеа до крај да се носи со европскиот првак кој славеше во Јане Сандански со 25:27. Судиите ни наштетија со неколку чудни одлуки.

Ракометарите на Вардар фуриозно го почнаа мечот и по 8 минути игра имаа водство од 6:2. Резултатот го отвори Душебаев, а потоа израмни Жалуз кој беше играч на претходниот натпревар со 12 голови.

Горбок и Кире Лазаров погодија во следните два напади, а за серијата од 4:0 се погрижија Душебаев, Дибиров, Тоскиќ и Брумен. Каталонците направија неколку грешки во напад, а Вардарци не грешеа од контра.

Во првата третина од средбата, голема работа на голот заврши и Штербик кој имаше 4 интервенции, а Циндриќ во 13 минута ги постави највисоките +5. Публиката беше во делириум и бараше поголема предност, но Барселона успеа да се консолидира.

Во 18 минута Штербик му одбрани седмерец на Кире Лазаров, а потоа Каталонците направија серија од 4:0. Голот за израмнување 10:10 го постигна Томас во 22 минута од мечот. Вардарци од брзање почнаа да грешат во напад, а гостите до прво водство стигнаа во 25 минута.

Финишот од првиот дел му припадна на нашиот тим кој веднаш направи пресврт и на пауза замина со водство од 15:12. Проработе раката на Македа кој постигна два гола, а во серијата доби помош од Шишкарев.

Барселона го отвори вториот дел со два погодоци по ред на Томас и Жалуз, додека Вардар беше со играч помалку, но Штербик спречи контра за израмнување, а Карачиќ ја врати предноста од +2.

Вардарци го одржуваа тоа водство подолго време. Мечот беше тензичен и се играше многу грубо во одбрана. Бродот на Вардар почна да тоне во 54 минута кога по една добро изградена акција која почна од Кире Лазаров, Томас го израмни резултатот на 24:24.

Истиот играч на Барселона и донесе ново, второ на мечот. Црвено црните не успеаа да вратат, а на 3 минути до крајот Жалус и Морос реализираа за највисоки +3 за гостите. Мини кризата на Вардарци ја прекина Дибиров, а шансата за -1 и враќање на неизвесноста ја испушти Шишкарев кој промаши контра на 60 секунди до крајот.

Горбок беше најпрецизен кај Вардар со 5 гола, а Штербик беше одличен со 16 одбрани. Жалуз беше одново најефикасен на мечот, овој пат со осум гола, Томас постигна седум, а Кире Лазаров дојде до четири.

22 ноември 2015 - 19:28